Штипската модуларна болница ќе се адаптира за специјалистички амбуланти

 

Штипската модуларна болница, која по пандемијата Ковид 19 е празна и стои неискористена, ќе се пренамени во амбуланти за специјалистички прегледи преку „Мој термин“.

Директорот на Клиничка болница-Штип, Владко Захариев вели дека постапката за преадаптација е речиси на самиот крај. Посочува дека планот е во првата фаза да се префрлат амбулантите од применото одделение, а потоа и останатите специјалистички амбуланти.

– Наша цел е да се направи реконструкција и преадаптација за прегледи преку „Мој термин“. Речиси 90 проценти од целата процедура е завршена, имаме пуштено барање до Управниот одбор на Фондот за здравство и чекаме одобрување на потребните финансиски средства. Во план ни е процедурата да започне и да се заврши што е можно поскоро, вели Захариев.

Истакнува дека заедно со Општина Штип ќе се уреди и просторот околу модуларната болница, односно да се изгради паркинг и пристап до самиот објект.

Според анализите на Клиничката болница-Штип, лани низ сите амбуланти се прегледани над 150.000 пациенти, а најголема гужва има на Ортопедија и Хирургија.

– Ортопедија, Хирургија, Интерна медицина, Неврологија, Кардиологија е најголемата гужва. Само до септември 2024 година на Ортопедија имало над 24.000 прегледи. Тоа се должи на големата заложба на овие доктори, а ги има само четворица, вели Захариев.

По завршување на пандемијата модуларната болница се затвори, а неколку пати беше и мета на крадци.

Back to top button
Close