Кос ги скара ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ – ВМРО-ДПМНЕ: Предупредувавме на тоа – СДСМ: Власта не работи на ЕУ процесот

Пораката на еврокомесарката Марта Кос која рече дека и да се усвојат уставните измени тоа нема да биде гаранција дека ќе нема и други барања за Македонија наиде на реакции во земјава. Таа по средбите со дел од бугарски државници изрази уверување дека Бугарија и Македонија ќе постигнат договор за заштита на бугарското малцинство. Воедно истакна дека проширувањето на Западен Балкан е приоритет.

„Ние работиме на забрзување на преговорите колку што е можно повеќе и веќе гледаме напредок, кој ќе беше незамислив пред само неколку години. Порано неделава отворивме уште еден преговарачки кластер со Албанија.“, вели Кос.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека нивните предупредувања се покажале точни наспроти тврдењата на СДСМ додека беа на власт дека уставните измени се последното барање на Бугарија.

 

„Димитар Ковачевски, Бојан Маричиќ, Бујар Османи, две години тврдеа дека уставните измени ќе бидат последно барање на Бугарија. Тоа што сите го знаеја и на кое предупредувавме, сега го кажаа и од самата Бугарија. Министерот за надворешни работи на Бугарија јасно кажа дека уставните измени нема да бидат последно барање“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од СДСМ пак остануваат на ставот дека Преговарачката рамка е документот по кој е јасно што и како треба да се исполнува а барањата на Бугарија може да бидат во рамки на европскиот процес и во рамки на точно утврдените кластери. Проблемот според потпретседателката на СДСМ Кристина Костова е што актуелната влада не презема ништо.

„Тоа што ДПМНЕ и Владата предводена од ДПМНЕ и Мицкоски не прават ништо тоа е нивен проблем и треба да бидат прашани за истото. Наместо да се оправдуваат треба да кажат зошто ништо не прават затоа што имаа големи ветувања, каде е одложеното дејство кое што го ветуваа, каде се гаранциите кои што ги ветуваа, гледаме дека нема ништо на тоа поле“, рече Костова.

Вчера бугарската потпретседателка Илијана Јотова рече дека Преговарачката рамка не може да се допишува туку треба да се исполни и дека Бугарија нема нови услови. На ова заменик министерот за надворешни работи на земјава Зоран Димитровски вели дека проблемот е во веќе постојните барања на Бугарија.

Back to top button
Close