Граѓанска иницијатива за нов почеток во Кочани: Им должиме на загинатите
По трагичната несреќа во која животите ги загубија 62 млади лица, граѓанската иницијатива објавена на Facebook-страницата „Кочани“ повикува на обединување, заедништво и изградба на поинакво, посовесно и почитувано општество. Со силна порака дека „им должиме“ на загинатите и повредените, објавата ја критикува политичката апатија и нефункционалноста на системот.
„Децении наназад не учеа да молчиме. Ни зборуваа дека тие знаат што е најдобро за нас. Ни ветија иднина, па ни ја одзедоа сегашноста“, се вели во објавата=.
Посебен акцент се става на поддршката на новиот независен градоначалник, за кого се вели дека „не може сам“, но дека претставува шанса за искрена промена, само ако добие поддршка од активните граѓани.
„Да го изградиме Кочани. Одново. Со почит и љубов кон сите загинати и повредени. Им должиме“, завршува објавата – како повик за обнова на градот, но и на заедницата, вредностите и свеста.