Колку повеќе Владата доцни со исплата на своите обврски (поврат на ДДВ, труднички боледувања итн.), толку повеќе “ЕУ се распаѓа” во провладините медиуми
Успехот на “унгарските кредити” очекувано спласна: пензиите само се порамнија со растот на животните трошоци, а општинските клупи, паркови и улички (нормално) не може да генерираат економски раст низ зголемена јавна или приватна потрошувачка.
Во такви околности ниту статистиката не може да го покрие економскиот неуспех на владата, па за недостатокот на инвестиции ќе бидат “виновни” ниските температури во јануари и високите температури во јули.
Исто како што партијата што го лансираше проектот “трето дете” (во петчлено семејство) за поправање на демографијата на Северна Македонија сега потрошувачката кошница ја проектира на трочлено семејство – со две деца помалку.
Посетата на владината делегација во ОАЕ ќе имаше смисла доколку “лидерската средба” не беше интервју за работа на Филипче на позицијата министер за опозиција.
Со оглед на тоа што понудата за арапски инвестиции е во зоната на “приоритетите” договорени меѓу Мицкоски и Филипче, всушност личи дека на повидок е операција за “реинвестирање” на парите испумпани од дваесетина домашни годишни буџети со печат од Дубаи, во истите области во кои секоја “инвестиција” всушност се пазари со нова буџетска “субвенција” или ја “храни” високоградбата.
И во тоа следува легализација на изнесените пари со нова буџетска обврска што повторно – ја финансираме ти и јас ама за нивни џебови.
Затоа – ЕУ е елементарната непогода за неформалната коалиција ВМРО-ДПМНЕ-СДСМ со за нив погодните партии на Албанците – што повторно не’ враќа на средбата на двете партии со олигархијата во скопска “Автокоманда”.
Без ЕУ – ваквото отсуство на економија и индустрија ќе продолжи.
Со ЕУ – ова се менува како што ќе се движиме кон заедничкиот пазар и полноправно членство.
Затоа постојани се изговорите за “нови услови” кои не постојат – за да не се дополни Преамбулата, по што продолжуваме со преговорите.
И со тоа се враќаме во процесот со Албанија и заедно со Црна Гора можеме да бидеме во ЕУ пред 2030.
А нема нови услови оти Преговарачката рамка е патоказ за исполнување на стандарди.
Стандардите ги штитат несистемските Македонци, Албанци, Турци… мнозинството граѓани – од ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ и другите “македонски” и “немакедонски” системски (читај: олигархиски) партии и медиуми.