Поглаварот на СПЦ Порфириј на средба со Путин: Сојузничките односи меѓу Русија и Србија се најтопли и најблиски
Патријархот на Српската православна црква (СПЦ) Порфириј, кој е во неколкудневна посета на Москва, денеска разговарал со рускиот претседател Владимир Путин, информираат од СПЦ на нивната веб-страница.
Путин на средбата оценил дека сојузничките односи меѓу Русија и Србија се најтопли и најблиски, пишува Радио-телевизија Србија (РТС).
Повикувајќи се на соопштението на прес-службата на Путин, пак, регионалниот сервис на Радио Слободна Европа ја пренесува пораката што рускиот претседател му ја упатил на српскиот поглавар.
„Знам дека Српската православна црква дава значаен придонес во зајакнувањето на односите меѓу нашите народи, кои традиционално ги одржуваат најтоплите, најблиските и најдоверливите сојузни односи“,му рекол Путин на Порфириј.
На средбата со српскиот патријарх во Кремљ, рускиот претседател рекол дека очекува српскиот претседател Александар Вучиќ на 9 мај да ја посети Москва и да присуствува на прославата на 80-годишнината од победата во Големата патриотска војна.
На средбата, на која присуствувал и патријархот московски и на цела Русија Кирил, Путин рекол дека Русија е свесна за тешката ситуација на Балканот.
Патријархот Порфириј претходно, како што соопшти СПЦ, се сретнал со патријархот на Руската православна црква Кирил во седиштето на Руската православна црква и во официјалната резиденција на патријархот Кирил во манастирот Данилов во Москва.
Во соопштението на Московската патријаршија објавено на веб-страницата, се наведува дека патријархот Кирил му пренел на патријархот Порфириј дека „Руската црква никогаш немала ништо негативно“ во односите со Српската православна црква и дека двете цркви секогаш одржувале „взаемно разбирање, љубов и братска поддршка“.
Според соопштението, патријархот на СПЦ, Порфириј, истакнал дека добрите односи меѓу Руската и Српската православна црква се „добар пример за сите православни цркви“.
Патријархот Порфириј е чест гостин во Северна Македонија. На централната манифестација за празникот на Србите во Македонија – Свети Сава, Порфириј одржа петнаесетминутен говор за важноста на личноста на Свети Сава во српската историја, за неговата борба за добивање автокефална Српска православна црква, како и за неговиот животен пат. Патријархот говореше и за важноста на единството помеѓу македонскиот и српскиот народ, за што кажа дека е огромен божји дар и благослов.