Израел потврди ликвидација на команданти на „Џама исламија“ и „Хезболах“
Двајца борци од исламистички групи беа убиени денеска при одделни израелски напади со дронови во Јужен Либан, соопштија безбедносни извори, пренесе ДПА.
Израелски дрон погодил автомобил близу градот Бауерта, 20 километри јужно од Бејрут, при што загинал висок командант на групата „Џама исламија“, сојузник на Хамас – Хусеин Атави. Според либанските безбедносни служби, тој бил водечки командант во военото крило на групата – силите „Фаџр“.
Набргу потоа, член на „Хезболах“, Али Хашем Кајед, бил убиен при друг напад врз камион во градот Хања. Видеа на социјалните мрежи прикажуваат како ракетен удар го погодува камионот, а маж – идентификуван како Кајед – бега пред да биде погоден повторно.
Израелската војска го потврди убиството на Атави, опишувајќи го како „значаен терорист“ кој со години учествувал во напади со ракети и организирал терористички акции, вклучително и во странство.
Либан, „Хезболах“ и „Џама исламија“ ги осудија нападите и го нарекоа израелското воено присуство кршење на суверенитетот. Израел, пак, тврди дека нападите се нужни поради закана по цивилното население.
Минатата недела либанската армија уапси неколку Либанци и Палестинци осомничени за ракетни напади, меѓу кои и тројца припадници на Хамас