Димитриеска Кочоска: Проектираниот раст од 3,7 проценти реален, отворени можности за префрлање на капацитетите од европските земји во нашата земја

Проектираниот раст на економијата на земјава од 3,7 проценти е реален, порача министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска, која престојува во Вашингтон, каде учествува на Пролетните средби на ММФ и Светска банка.

-Оваа криза која дава голема неизвесност ние како држава може многу да ја искористиме, во смисла на префрлање на капацитетите од европските земји. Капацитетите во европските земји ќе се затвораат и понатаму, затоа што царините значат повисоки набавни цени и на тој начин европскиот пазар ќе бара алтернативи за отворање капацитети онаму каде што ќе имаат на некој начин поевтина работна сила. Иако во земјава веќе не е евтина работната сила, но е сепак на пониско ниво од европската. Оттука мислам дека проекцијата од 3,7 проценти е реална, рече министерката за финансии во изјава за македонските медиуми по објавување на Глобалниот извештај на ММФ.

Таа потенцира дека она на што Владата е посветена и она што го бара ММФ е фискална консолидација, но дека работите не можат преку ноќ да се сменат и дека ќе треба уште време.

Министерката за финансии од денеска до 26-ти овој месец учествува на Пролетните средби на Групацијата на ММФ и Светска банка, каде ќе оствари средби со високи претставници на овие две меѓународни финансиски институции, како и со претставници на Трезорот на САД

Back to top button
Close