Вредностите на индексите на Волстрит скокнаа по новите изјави на Трамп за царините кон Кина
Вредностите на берзанските индекси на Волстрит денес забележаа значителен пораст откако претседателот на САД, Доналд Трамп, очигледно се повлече од нападите врз шефот на Федералните резерви Џером Пауел и агресивната реторика во трговската војна со Кина.
Индексот S&P 500 се зголеми за 2,6% во однос на вчерашниот ден, кога исто така значително порасна по остриот пад во понеделникот.
Индексот Дау Џонс порасна за 2,2%, а Насдак скокна за 3,6%.
Овој раст на Волстрит се надоврза на позитивните резултати на берзите во Европа и Азија, иако нестабилноста и натаму е присутна бидејќи инвеститорите сè уште не знаат како да реагираат на непредвидливите потези на Трамп во врска со царините и економската политика.
И покрај растот, S&P 500 и понатаму е за 11,7% под својата највисока вредност оваа година, а во еден момент беше и до 20% понизок.
Порастот на индексите делумно се должи на Трамповата изјава дадена во ноќта меѓу вторник и среда дека „нема намера“ да го отпушти шефот на Федералните резерви Џером Пауел, на кого претходно беше жестоко лут поради неподготвеноста да ја намали каматната стапка.
Трамп го нарече Пауел „голем губитник“ и дури почна да зборува за негова смена.
Иако намалувањето на каматните стапки може да ја стимулира економијата, истовремено може да доведе до зголемени инфлаторни притисоци. Економистите предупредуваат дека Трамповите царини веројатно ќе доведат до економско забавување и скок на инфлацијата – барем на краток рок.
Агресивната реторика на Трамп ги исплаши инвеститорите, бидејќи Федералните резерви се замислени како независно тело, кое треба да носи одлуки за долгорочно добро на економијата, без политички притисоци.
Пазарите дополнително се стабилизираа по најавата на Трамп дека американските царини на увозот од Кина би можеле да бидат „значително“ намалени од сегашните 145%, дека „нема да бидат толку високи“, и дека тој „ќе биде многу фин“ со Кина и нема да игра „тврдо“ со кинескиот претседател Си Џинпинг.
Инвеститорите веруваат дека рецесијата може да се избегне ако Трамп навистина ги намали царините доволно брзо и значително.
Американските бизнисмени веќе чувствуваат последици од трговската војна која ја започна Трамп, во форма на најнизок економски раст во последните 16 месеци.