Хуманитарен меч во Варна за настраданите во Кочани
На стадионот „Спартак“ во Варна се’ е подготвено за хуманитарниот и пријателски меч в недела, меѓу фудбалските ветерани на Македонија и Бугарија. Целиот приход ќе биде дониран за настраданите во Кочани.

Целиот приход од хуманитарниот натпревар во Варна ќе биде дониран за настраданите во катастрофалниот пожар во Кочани
Еден натпревар – но илјадници зборови и илјадници пораки за хуманост и солидарност. Дваесет и седми април, 16 часот, стадион „Спартак“ во Варна. Тоа е зборното место на кое во партнерство со Општина Варна ќе се одржи хуманитарен настан – пријателски меч меѓу „Ѕвездите 94“ на Бугарија и „Ѕвездите“ на Македонија. Станува збор за натпревар меѓу најпознатите фудбалски легенди – ветерани од двете земји, а целиот приход ќе биде дониран за настраданите од трагедијата во Кочани.
Организатор на хуманитарниот натпревар е бугарската Фондација „Национали 94″, основана лани, на 30-годишнината од Светското првенство во САД од 1994 година, на кое бугарските фудбалски легенди завршија како четврти. Како што велат за себе, „Фондацијата ги обединила хероите од лудото американско лето во 1994 година“. Основана е од Христо Стоичков, Борислав Михајлов и Красимир Балаков, а има за цел да обезбеди социјална и здравствена поддршка на поранешни и сегашни професионални фудбалери, но им помага и на деца од социјално загрозени семејства.
Оваа Фондација беше меѓу првите кои изразија сочувство за изгубените животи во Кочани.
„За трагедијата нема датум и час. По неа остануваат само солзи и неизлечивата болка. Ние од Фондацијата ‘Национали 94’ сакаме да изразиме најискрено сочувство до семејствата на загинатите во Кочани. Фудбалот нè зближи сите нас со луѓе од Македонија. И сега е најважниот момент да ги поддржиме. Се молиме за повредените! Господ нека биде со нив!“, напишаа од Фондацијата во соопштение до медиумите.
Да биде величествен ден
Веднаш по трагедијата во Кочани се родила идејата за хуманитарен фудбалски меч, што би се одиграл во Варна. Таквиот предлог кој Фондацијата го испратила до црноморскиот пристанишен град, бил едногласно одобрен на седница на Советот на општината. Како што пишува на веб-страницата на Општината, Варна ќе го поддржи настанот со финансиски средства во износ од 120 илјади лева, кои ќе бидат потрошени за сместување, храна, превоз и организација на настанот.
Христо Стоичков за поддршката им се заблагодари на локалните власти од негово, и од име на Фондацијата, и објасни зошто е избрана Варна.
„Да направиме еден величенствен ден, еден величествен празник во Варна. Имам многу сентименти за овој град, кога во 1994 година, по нашето враќање во Софија, Варна беше првиот град кој не пречека. Тоа не се заборава. Јас лично не го заборавам. Затоа сакам да направиме величествен празник за градот, кој ќе биде заеднички”, вели во обраќањето до Општината најуспешниот бугарски фудбалер.
Подготовките кои траеја во изминатите три недели се речиси завршени, тимовите се стокмени, а од Фондацијата на социјалните мрежи секојдневно потсетуваат на датумот на пријателскиот меч.
„Фудбалски легенди во меч за Кочани – ќе се видиме на 27-ми април во Варна!”, „Ве очекуваме, запомнете го датумот“, „Тоа е еден исклучителен спортски настан, а каузата повеќе од благородна – сите собрани средства ќе бидат подарени за настраданите од трагедијата во дискотеката во Кочани”, секојдневно потсетува Фондацијата во објавите.
Средба на ѕвездените тимови
Пријателскиот натпревар ќе почне во 18 часот, но ќе му претходи богата културна програма од 16 часот. Од Бугарија во натреварот ќе учествуваат Христо Стоичков, Борислав Михајлов, Емил Кременлиев, Златко Јанков, Емил Костадинов, Јордан Лечков, Наско Сираков, Даниел Боримиров, Пламен Николов, Бончо Генчев, Ивајло Јорданов, Илијан Кирјаков, Петар Михтарски, Петар Александриков, Георги Георгиев, Красимир Балаков, Ивајло Андонов и уште десетина поранешни бугарски репрезентативци.
Во македонската репрезентација се Илија Најдоски, Драги Канатларовски, Данчо Целески, Тони Мицевски, Љупчо Марковски, Светозар Станковски, Неџмедин Мемеди, Зоран Бошковски, Благоја Милевски, Игор Митревски и уште десетина други. Ќе учествуваат и легендите од поновата генерација – Горан Пандев, Агим Ибраими, Ѓорѓи Христов и Артим Шаќири, а во тимот ќе бидат и Дарко Тасевски и Ванчо Трајанов, кои оставија белег во бугарскиот клупски фудбал. Ѓоко Хаџиевски е селектор на македонската репрезентација, а Димитар Пенев е предводник на бугарската.
И во двете земји организацијата на овој хуманитарен натпревар е дочекана со поддршка и бројни пофалби како гест на солидарност и човечност, како симбол на пријателство, спортски дух и хуманост.(dw)