Да се довршат „недовршените балкански војни“?
„Благословени да се миротворците, зашто тие ќе бидат наречени синови на Бог“(Исус)
Западот и ЕУ, какви што ги познаваме веќе не постојат, ќе изјави Урсула фон дер Лајен. Што му се случи на Западот? Од точниот одговор на ова прашање може да зависи и судбината на нашата држава.Зашто променетата светска геоплолитика ќе има влијание врз Западниот Балкан, чии војни во деведесеттите беа насловени како “недовршени војни“. Имено, насилно прекинати со американската воена интервенција која ја порази Србија, намерата беше, како што неодамна изјави Клинтон, да им се даде време на народите на регионот да ги видат предностите од мирот и да се определат за интеграција во зоната на европски демократии кои, нели, не војуваат меѓу себе. Следеше скапиот американско-европски проект на зачувување на балканската мултиетничност во рамките на административните граници на федерацијата,кои беа прогласени за меѓународни. Но, на „униполарниот момент“ во светската политика му дојде крајот. Драматичните промени во односите помеѓу големите сили кои се случија во 2017 со окупацијата на Крим од страна на Русија,а подоцна во 2022 со руската инвазија на независна Украина, со порастот на воената и економска моќ на Кина и со најавеното повлекување на Америка од украинската војна, не може а да не се одрази и врз Западниот Балкан. Само да бидеме свесни: промената не не води потака од некогашните војни туку не враќа назад кон деведесеттите, дури, ако не сме крајно внимателни, и кон довршување на „недовршените војни“. Доволно е само центрите на моќ какви што се Вашингтон и Брисел да крената раце од Западниот Балкан со образложение дека тука не функционираат европските методи туку балканските, и да се свртат кон своите нови приоритети. Америка кон Азија каде што треба да и парира на растечката екониомска и воена моќ на Кина, а Европа кон градење на новата безбедносна структура на Европа, со или без Америка.
Дека Западот каков го знаеме не постои веќе, зборува и фактот што, за прв пат во историјата на американско-европските односи, Европа го изгуби статусот на приоритет за американската надворешна политика. Отпорноста на Русија на економските санкции и на западното оружје во рацете на храбрите Украинци, како и руската уцена со нуклеарна војна, ја стопи волјата на најмоќната држава во светот, Америка, да продолжи со украинската војна. Европа ја напушти нашиот најголем пријател и заштитник. Ја напушти Украина среде војна која самата ја поттикна за да ја ослаби ривалската нуклеарна сила. Сега разбираме што сакал да каже Кисинџер: „Да си непријател на Америка не е добро, ама да си пријател може да биде фатално“. Напуштени, Украинците и Европејците денес се препелкаат како риби на суво, барајќи излез без главниот сојузник и иницијаторот на конфликтот. Трамп е решен да ги обнови односите со Русија независно од последиците по своите довчерашни сојузници во војната против ривалската голема сила. И повеќе од тоа: во тек е поделба на Украина помеѓу Америка и Русија.Спасителот на човештвото од можен нуклеарен судир во една Трета светска војна, Доналд Трамп, сега бара да ја наплати американската поддршка за војната во која загинаа милион млади Украинци, со договор за „ретки минерали“. Русија веќе ја изврши наплатата со присоединувањето на четрите области кон Руската федерација, а пред тоа на Крим. Свирепо.
И што читам на порталите и слушам на ТВ екраните во Македонија денес? Една нова генерација на позиции на одлучување и влијание, како ништо да не разбира од погоре кажаното. Решението го бараат во засилувањето на македонскиот национализам со прогласувањето и на изминативе три децении за „децении на македонското понижување“. За победа на избори и зачувување на привилегии го омаловажуваме сопственото дело – меѓународно призната држава, членка на ОН, и живот во мир триесет и пет години. Имам впечаток дека и самиот Гоце Делчев, кој се борел за независна држава, да ја внесеше Македонија во ОН, македонските националисти немаше да му отидат на прослава заради „ФИРОМ“, а подоцна „Северна“. Денес тие порачуваат дека, вистина се промени Европа и светот ама и ние нема да сме останале исти: дојде крајот на „трите декади на понижување“ на македонскиот народ и дека како држава ќе сме „покажеле заби“ во одбрана на нашето достоинство.Нема веќе попуштање за ништо. Не мора да ми веруваат на сите напишани и изговорени зборови дека треба да се слави успехот на македонската држава, во еден свет во кој низ милениумите „силните го прават она што можат а слабите она што мораат“, но ако од примерот на Украина не ја научија оваа базична лекција од меѓународната политика, ни нема спас од нив.
Сенешто си мислам: свесни ли се за „недовршените балкански војни“ кои би можеле одново да се разгорат во еден, „секој за себе“, грд свет на насилство и омраза? И да го нема веќе Западот да ни помогне?
Денко Малески