Мицкоски: Верувам дека Пелагонија ќе ја исчистиме од диви депонии со градењето организирана депонија
Претседателот на Владата Христијан Мицкоски одговорајќи на пратеничко прашање посочи дека нема да дозволи штета да има во Битола и цела Пелагонија со градењето на организирана депонија во Општина Новаци. Ова следуваше по прашањето на Бисера Костадиновска Стојчевска од СДСМ која побара одговор дали се разгледува можноста за релокација на депонијата поради загадувањето во Битола.
Ова е проект на СДСМ за кој гласале и од мојата партија кога бевме опозиција. Сега Битола носи под политички притисок одлука да не се гради организирана депонија во Новаци. Но, што ако Новаци рече не може. Зарем јас како професор и инженер смеам да дозволам проект на штета на Битола, град кој го сакам повеќе и од мојот роден град. Да не тераме политика на ова прашање, одговори Мицкоски.
При можноста за дополнително прашање пратеничката Бисера Костадиновска Стојчевска рече дека граѓаните сакаат да го видат проектот затоа што 30 години се загадува Битола од таа депонија и секоја жена се соочува со болести поради загадувањето.
Премиерот Мицкоски образложувајќи дека нема да дозволи да има штета со градењето на организирана депонија истакна дека зад овој проект стојат и меѓународни фактори како Швајцарија, европски фондови и банки и се гарант за квалитетна работа.
Зарем верувате дека тие ќе дозволат да се гради нешто на штета на Битола. Нема да влегува ниту еден камион во Битола. Министерството за транспорт ќе гради обиколница и за Ресен, да не движат камиони. Зарем би дозволил штета на Битола сега пред локални избори. Верувам дека ќе ја исчистиме Пелагонија од дивите депонии, истакна Мицкоски.