Калајџиев: Има шанси за реформи, ако политиката ја тргне чизмата од судството

Во вториот дел од разговорот со Петрит Сарачини во шорткастот на ИМА „Што има ново?“, професорот Гордан Калајџиев се осврнува на начинот на кој се води истрагата за трагедијата со пожарот во кабарето „Пулс“ во Кочани, која, според него, повторно покажува дека тешко ќе постигнеме ресетирање на системот и ќе изградиме правна држава.

Тој го коментираше јавното изнесување на документи од истрагата од страна на премиерот Мицкоски. „Па, и тука се гледа дека ние немаме јасни стандарди, бидејќи предистражната постапка во принцип е тајна и по правило премиерот не би можел да ги има доказите. На пример, конкретната лиценца би требало да биде доказ во постапката и нема начин таа да дојде до него… Бидејќи Законот за кривична постапка го дезигнира јасно Обвинителството, дека тоа ќе дозира што може да се објави што не, во интерес на јавноста“, укажува Калајџиев.

Коментирајќи ги и постапките на министерот за внатрешни работи Тошковски, тој цени дека мали се шансите за ресетирање на системот, кој очигледно покажува големи пропусти и слабости, бидејќи системот кој не функционирал не може да профукционира преку ноќ, а најмалку со политички реторики.

„На пример, он сега дели лекции на пратениците во Собрание. Не му е јасно прво он е во Собрание само да одговори на прашања. И уште ги постира тие, како дели лекции, посебно на Албанците…сака да им дели лекции и мисли дека тоа ќе му стават поени на избори Македонците. Тука го става Министерството, кое што – првично негова грижа треба да е да го покаже како аполитично и безбојно по овие етнички основи и слично. Тоа е ресетирање, да покаже професионализам. Чим вие го ставите во политичка функција, во дневна политика целата прикасна, вие сте потфрлиле и тука нема ресетирање“, посочи Калајџиев.

Калајџиев смета дека ресетирање на правосудниот систем е можно само ако политиката се тргне од судството и се воспостави функционална поделба на властите во државата за ефикасна меѓусебна контрола.

„Може системот, во оваа смисла, значи, борба за правна држава, да го ресетираат само ако на место на обвинител државен дојде стварно човек со интегритет. Ако на раководните места по судовите дојдат луѓе со интегритет, а не политички. А они што покажаа? Покажаа – да ги менуваме овие, а носат свои…Еве, ако има некои шанси за брзи резултати тоа е само ако политиката ја тргне чизмата од судството…Не можат они да го реформираат. Они се субјективни, они се еднострани, они имаат конкретни интереси, увлечени се во конкретни инвестиции, во конкретни тендери… Македонија и треба да сфати, политичарите, зошто треба поделба на власт. Зошто треба она што го викаат checks and balances – меѓусебна контрола на властите. Не можат нашиве политичари, покажуваат многу ниско ниво на правна и општа култура, не можат ова да го сфатат“, заклучи тој.

Погледајте и слушнете го и вториот дел од разговорот на Сарачини со Гордан Калајџиев во видео шорткастот на ИМА „Што има ново?“.

Back to top button
Close