Кој го уби Паломино Молеро

Почина последниот латиноамерикански писател, Марио Варгас Љоса, кај нас нè многу преведуван. Но, романот од насловот е преведен на македонски јазик. Станува збор за една епоха во која доминира корупцијата, неизвесност и нееднакост. Нешто ми е ова познато. Тој период на половината на минатиот век како да не исчезна. Длабоки се корените, а плитки ралата што го корнат пирејот.

Нема да пишувам за трагедијата во Кочани која сè уште не е завршена. Кој е виновен независното судство ќе утврди во право време. Кој е одговорен за тоа што и после 34 години независност не ги покажуваме атрибутите на државата во полн капацитет. Кој е виновен што не го анализиравме падот на Берлинскиот ѕид, а сега сме збунети после најновите геостратешки поместувања. Кој е виновен што се уште тропаме на вратите на ЕУ која е на инфузија. Се спасува самата себеси. Кој е виновен за долго постоечката теза на еквидистанца, која само нè дистанцира на меѓународен план. Кој ни е виновен што неподготвени го дочекавме распадот на поранешната ни држава. Кој е виновен што не се снаоѓаме во меѓународните односи. Не разликуваме кога предност има билетарализмот а кога мултилатерализмот кој очигледно е напуштен. Во двата случаи за несноѓањето се виновни и несодветните кадровски решенија. Кој е виновен за обидот на атентат за првиот ни посткомунистички претседател. Кој е виновен за погибијата на вториот претседател на државата во докрај недокажаните околности. Кој е виновен што на домашен план доминира прашањето на етничките односи, што има влијание и на меѓународното претставување. Кога конечно ќе еволираме во граѓанска држава. Кој е одговорен за феноменот културата да биде понижувана а таа ние е единствен коњуктурен извозен продукт. Излез е приватизација. Има држави во кои не постојат министерства за култура.

Кој е виновен за девастираното земјоделие. Кој е виновен за хибридното образование. Кој е виновен за тоа што криминалците кај нас најдоа шалтер за замена на своите пасоши, односно идентитет. Кој е виновен што нашите граѓани на потерница од Интерпол не можеме да ги вратиме. Поранешниот премиерот спокојно си ги брои тешко заработените пари, а албанскиот” all round” играч игра криенки со нашите безбедоносни органи. Кој е виновен за урнисаното здравство. Кој е виновен што првиот крематориум во државата беше модуларната болница која изгоре поради гајтанот купен на Бит пазар. Кој е виновен што секоја година државата ни е во пламен и пожарите ги гасиме со отсечените гранки. Можам вака да набројувам речиси како волуменски простор на една вообичаената колумна на почитуваниот Е. Клетников. Тука ќе сопрам, бидејки на почитуваните читатели им е јасно кој е виновен. Нашиот религиозен народ повеќе верува на Господот, отколку на институциите. Институциите се легло на корупцијата, а корисниците не сакаат да ги реформираат. Такви какви се добри се. Не треба ништо да се менува. Да остане како до сега (А.Ахмети). Институциите ги прилагодуваат законите да ја штитат власта, која нема ништо против. Штитејќи ја власта се штитат и самосебеси. Сите, освен народот, се задоволни. Зошто не се острануваат причините за ваквите состојби. Одговорот е јасен. Останувања на власта по секоја цена која секако народот ја плаќа. Кој е виновен што правосудството ние е речиси на нула. Кој ни е виновен што актуелните политички партии немаат јасни идеологии, односно не се држат до стандардните на социјалдемократијата или пак на ткн. народни партии. Некои партии менуваат идеологии, некои имаат само национална идеологија. Заедничка идеологија им је останување на власта.

Реков ќе сопрам ама се предомислив ред е да после цела една година напишам нешто и за нашата дипломатија со поставување на прашање од насловот: Кој ја уби нашата дипломатија. Министерството за надворешни работи повеќе од едната третина од овој век не стана институција. Тоа (МНР) е всушност еден политичко кадровски баланс токму во министерство кое треба да се одликува со чист професионализам, без оглед на приватните политички ориентации на вработените. Надворешната политика треба да биде конечно конзистентна договорена во институциите и спроведена од нив. После величенствената победа на последните парламентарни избори, власта најави булдожер дипломатија термин кој во дипломатски стил на делување кој се одликува со агресивност, директност и силен притисок на страната во преговорите, најчесто од страна на влијателна сила, што секако ние не сме. Можеби требаше наместо терминот булдожер да го употребивме терминот “dekapling” како инструмент за заштита на суверинитетот, безбедноста и економската стабилност, особено во услови на глобални поместувања. Нашата дипломатија нема капацитет да води булдожер дипломатија, “бидејки тоа подразбира да настапуваме со силен притисок, инсистирање на брзо носење решение за некој проблем често заобиколувајќи ги традиционалните дипломатски процедури. Ние требаше да имаме превентивна дипломатија на што, мојот пријател амбасадорот Х.Сокалски, укажуваше во својата книга “An Ounce of Prevention”. Тукидитовата реалистичка логика во меѓународните односи, важи и денес, посебно кога станува збор за ранливоста на малите држави. Таа логика е дипломатска аксиома. Таа нема да се менува. Прилагодување е решението. А да се прилагодиш треба да имаш концепт посебно во период на тектонски геостратешки потреси на меѓународен план. Оваа влада мора да је реанимира дипломатијата со цел Министерството за надворешни работи трба да постане вистинска институција на креирање на надворешна политика. Оваа влада има прилика да ги анализира сите досегашни детски болести на дипломатијата која перманентно е уништувана во минатото. Министерството за надворешни работи конечно треба да прерасне во респектабилна институција. Досегашните министри за надворешни работи ја користеа таа функција воглавно за сопствена афирмација или пак за политичката партија која по познатите критериуми и интереси ги поставуваше. Во изминатите девет месеци видливи се напорите на владата, посебно на премиерот и министерот за надворешни работи во зголемената активност на меѓународен план. Сега е време за јакнење на билатерализмот. Со добри билатерални односи на овозможуваме ефикасен мултилатерализам. Во билатералните односи важен е принципот на реципроцитетот. Сопствените грешки не треба да ги релативизираме со пропустите што сами ги направивме. А ги имаше многу. Мултилатеризмот бара политички алгоритам. Целта мора да е јасно определена а мерките конзистентни Статистиката е посебно значајна. Во дипломатијата се се евидентира и анализира, што помага при формирање на сопствениот став. Би сакал да верувам дека досегашните дипломатски напори се дело на разбудената дипломатија олицетворена во институцијата министерство за надворешни работи во соработка со најзначајните носители на нашето надворешно преставување, а не само на индивидуалните изблици. Нова димензија и предизвик во работата на министерот за надворешни работи кој е истовремено и министер за надворешна трговија се охрабрувачки. Технички сегашното МНР нема кадровски потенцијал за таква дополнителна дејност. Веројатно се направени потребни консултации и со Сојузот на стопански комори на РМ за заедничка координација, пред се во зголемување на нашиот извоз и привлекување на странски директни инвестиции, вклучувајќи и нашата надворешана презентација. Одавна го сугерирам австрискиот модел.

Колумната ја пишувам на светиот ден Велигден. Се надевам и нашата дипломатија ќе воскресне. За тоа поскоро да се случи еве неколку добронамерни совети. Пролет е време за проветрување и кречење. Се почнува од сопствениот двор, односно и од персоналот вработен во МНР. Треба да се води сметка не само на професионализмот, туку и на уметничкиот впечаток (М.Бабовиќ) на дипломатите кои како и секој еснаф треба да имаат соодветен стајлинг и однесување. Напредувањето мора да има скалила. Прескокнување на тие скалила води во ерозија на професијата дипломати и нарушување на односите во оваа суетна професија. Потребна е тесна соработка со соодветни институти кои имаат допир со дипломатијата. Добар пример е Институтот за Југоисточна Европа во Минхен, кој со Сојузното министертво за надворешни работи на Германија има тесна институализирана соработка.

Треба да се намали бројот на амбасади и конзулати (ДКП). Кадровското расподелување треба да е на принципот на концентрациони кругови. Најзначајните центри треба да бидат комплетно пополнети со соодветните кадри. Почесните конзули се посебна категорија. Станавме елдорадо за отворање на почесни конзулати посебно со седиште во Скопје и за држави кои веќе имаат амбасади или конзулати. Од таа категорија профитираат само почесните конзули. Ова важи и за почесните конзули на РМ во странски држави. За еден таков од Бари веќе дискретно пишував. Посебно не разбирам како поранешните амбасадори, после завршувањето на своите мандати, завршуваат со дипломатските активности, макар што повеќето би можеле да бидат корисни. Наредното извлекување на новите амбасадори, односно пополнувањето на испразнетите места, може да биде почеток на реанимација на нашата надворешна политика . Постојат сите услови тоа да се случи.

Ѓорги Мисајловски

 

 

Back to top button
Close