Погребот на папата можност за прва средба меѓу Фон дер Лајен и Трамп
Базиликата „Свети Петар“ во Рим денеска ќе се претвори во жариште на меѓународната дипломатија кога светските лидери ќе се собираат во неа за да му оддадат последна почит на папата Франциск, кој во понеделникот почина на 88-годишна возраст.
Како што наведува бриселскиот портал „Еурактив“, на врвот на голем број листи на желби на присутните ќе биде средба или барем и кратка размена на неколку збора со американскиот претседател Доналд Трамп, кој досега се покажа многу селективен во изборот на тоа со кого ќе се сретне.
Меѓу големиот број лидери што ќе присуствуваат на погребот ќе биде и претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која досега не се најде меѓу оние со кои се сретна Трамп по неговото повторно вселување во Белата куќа во јануари годинава.
Според „Еурактив“, Фон дер Лајен би можела да има ретка шанса да се сретне со Трамп на погребот на папата, во услови кога американскиот претседател продолжува да избегнува дијалог со првите луѓе на ЕУ и наместо тоа по сопствен избор се среќава со лидери на одделни земји членки на Унијата.
– Со оглед на тоа што се очекува Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски да седат близу еден до друг, се чини дека веројатна е интеракција меѓу овие лидери кои би претпочитале да не се во иста соба. Но, онаа која би сакала да биде близу до Трамп е претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, кон која откако се врати во Овалниот кабинет тој манифестира оглушувачка тишина, наведува порталот.
Авторот на освртот оценува дека Трамп никогаш не бил заинтересиран да ја признае ЕУ како вистински соговорник, додека Фон дер Лајен ја смета за нејзин „неизбран бирократ“.
Италијанската премиерка Џорџа Мелони, која е меѓу малиот број лидери кои изминативе месеци имаа средба со Трамп, според „Еуропеан консерватив“, би можела да се обиде да организира некаков билатерален или трилатерален состанок со нејзино учество.
– Сепак, нема гаранција дека дури и Мелони би можела да ги натера Трамп и Фон дер Лајен да седнат лице в лице. Фон дер Лајен е особено неодлучна да прифати состанок без претходно да знае дека ќе има што да покаже по него, бидејќи би претпочитала да се сретне со Трамп „откако ќе има договор“ на маса (околу царините), наведува порталот.
„Еуропеан консерватив“ смета дека „неуспехот да се сретне со Трамп“ и покрај тоа што е на истиот настан со него, може да биде и сигнал за слабост на Фон дер Лајен.
Затоа, според порталот, Фон дер Лајен е во тешка ситуација, бидејќи неприсуството тешко дека е опција, особено откако таа веќе еднаш се предомисли и во последен момент реши да ја пропушти церемонијата на повторно отворање на Богородичната црква во Париз, препуштајќи му ја претставата на Трамп и овозможувајќи му да се дружи со другите европски лидери.
„Еуроњуз“, пак, наведува дека тимот на Фон дер Лајен уште од пред инаугурацијата на Трамп во јануари, се обидува да закаже состанок меѓу двајцата лидери, но напорите досега не дадоа резултат.
– Отсуството на комуникација меѓу Трамп и Фон дер Лајен станува се поочигледно и загрижувачко со секој изминат ден. Трансатлантските тензии почнаа да растат веднаш откако Трамп ја презеде функцијата и ги започна своите напади врз суверенитетот на Гренланд и украинскиот претседател Володимир Зеленски, предизвикувајќи разочарување низ целиот блок и поставувајќи нови пречки во секој дипломатски контакт, оценува „Еуроњуз“.
Американскиот претседател Доналд Трамп ја отфрли понудата на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен за договор за царините.
Според медиумот, иако Фон дер Лајен продолжува да се идентификува како „голем пријател на Америка“ и „убеден атлантист“, таа сепак значително го заостри својот тон во јавноста, потсетувајќи на нејзината изјава за весникот „Цајт“ дека „Европа е се уште мировен проект“ и дека таа „не ги напаѓа и не ги казнува своите соседи“.
– Молкот на линија Трамп-Фон дер Лајен создаде длабок вакуум на највисоко политичко ниво, оставајќи исклучително чувствителни прашања во рацете на претставници кои немаат мандат да донесуваат клучни одлуки, заклучува „Еуроњуз“
Според „Еурактив“, пак, додека јавно се однесува смирено, зад затворени врати Брисел очајно бара средба на Фон дер Лајен со Трамп.
Американскиот претседател во средата најави дека ќе има „многу средби“ во Рим, додека портпаролите на Европската комисија неделава на прашањата дали е можна прва директна средба на Фон дер Лајен со Трамп за време на погребот на папата, во неколку наврати повторија дека засега официјално не се договорени никакви нејзини билатерални состаноци.
Сепак, според нив, не е исклучена можноста Фон дер Лајен да има билатерални средби и „ако на маргините на погребот се појават можности (за средба), тие, секако, ќе бидат искористени“.