Водвиљ во Владата, а и околу неа

Драмата во „Вреди“ не дојде одненадеж, како што можеби изгледаше пред четири-пет недели, туку таа тлееше подолго време внатре во коалицијата, но не беше јавно изнесена. Таа драма, или караница, министерот за здравство и лидер на едното крило на Алијансата за Албанците, Арбен Таравари, само јавно ја изнесе. И го навлече гневот на неговите тројца коалициски партнери.

Дури многу добрите познавачи на состојбите во албанскиот политички блок меѓу албански новинари не можат докрај да ги разјаснат вистинските причините зошто дојде до овој јавен судир меѓу партнерите, иако се наведуваат повеќе можни ситуации. Но некои работи сега изгледаат појасни, и покрај тоа што развојот на ситуацијата и натаму изгледа маглив. Арбен Таравари има историја на политички пресврти и овој негов лупинг не изгледа многу чуден и политички непримерен.

Таравари има неколку причини зошто јавно ја отвори оваа жешка дебата. Првата е што тој е највидливиот член на коалицијата „Вреди“, но по одлуката на судот во Тетово може конечно да остане без својата партија Алијанса за Албанците, затоа што процесот го доби ривалското крило на Зијадин Села. Таа судска одлука сега е во процесот на жалба до Апелацискиот суд во Гостивар.

„Вреди“ беше формирана само со една цел – да ја исфрли ДУИ од власта по 20 години и тоа со едноставна нумеричка акција: заедно да добијат повеќе гласови од ДУИ и нејзината коалиција „Европски фронт“. Или барем да бидат блиску со гласовите на парламентарните избори. На изборите во мај 2024 „Вреди“ доби 107.000 гласови, а „Европскиот фронт“ на ДУИ 138.000. Во мандати тоа беа 18 за „Европскиот фронт“, а 14 за „Вреди“. Поради релативно блискиот резултат големиот победник на изборите, ВМРО-ДПМНЕ, можеше да го одбере „Вреди“ за коалициски партнер, а не победникот во албанскиот блок. „Вреди“ од тогаш тврди дека тие, всушност, добиле најмногу гласови од Албанците, затоа што во „Европскиот фронт“ имаше и партии од други етнички заедници. Се разбира, тоа беше клучниот политички наратив за да се докаже зошто тие ќе влезат во владата, а не ДУИ. Премиерот Христијан Мицкоски тоа го прифати со леснотија, затоа што една од темите во кампањата беше ДУИ конечно да се исфрли од власта и да види како изгледа да си во опозиција.

Нумеричка коалиција, без идеолошка платформа

Проблемот на „Вреди“ се гледаше уште од самиот почеток – таа коалиција нема никаква заедничка идеолошка платформа. Четирите партии се прилично различни – од националисти, религиозни структури, умерено левичарски. Тоа не е ништо специјално различно, но тие по формирањето не направија ништо да преземат чекори да почнат прегрупирање со кое ќе почне формирањето на една заедничка партија. Надвор од суетите на четворицата лидери кој да биде предводникот, требаше да се конципира идеолошкиот столб врз кој ќе се потпира новата партија. А тоа навистина може да биде многу комплицирано, затоа што некој може да го загуби идентитетот, бидејќи за да се формира партија од четири идеолошки различни субјекти не може да биде некаква еклектичко франкенштајнска логика – ајде да земеме од секаде по нешто.

По формирањето на владата тие беа опседнати со поделба на пленот – која партија колку министерски и функционерски места ќе добие. Местата ги дела рамноправно, по 25 проценти, иако секоја од партиите имаше различен удел во освојувањето на гласовите. Така, на пример, најслабата партија од овие четири, Алтернатива, го доби местото претседател на парламентот, што драматично несоодветствува со нејзината моќ.

Nordmazedonien | Logo der Koalition VLEN (VREDI)
Проблемот на „Вреди“ се гледаше уште од самиот почеток – таа коалиција нема никаква заедничка идеолошка платформаФотографија: Vlen

Арбен Таравари беше главното лице на оваа коалиција затоа што беше избран за кандидат на претседателските избори. Тој доби 83.000 гласови во првиот круг, додека кандидатот на ДУИ, Бујар Османи, 121.000. Без оглед на големата разлика, тоа беше добар резултат за Таравари. Тогаш Таравари веќе го имаше статусот на неформален лидер на „Вреди“. Сега Таравари се плаши дека може да загуби многу по овие девет месеци во Владата. Тој е загрижен што во неговиот бастион, градот Гостивар, каде што до пред девет месеци беше градоначалник, за неколку стотици гласови коалицијата „Вреди“ освои помалку од ДУИ. И дека тој тренд ќе продолжи до локалните избори оваа есен.

Во неколку телевизиски интервјуа Таравари изјави дека нивните анкети покажале оти 70 отсто од албанските гласачи биле незадоволни од перформансите на албанските министри во владата (тоа значи дека во тоа незадоволство е вклучен и самиот тој), но дека имало генерално задоволство од работата на целата влада. Изгледа дека тој не е далеку од вистината. Главната причина е слабиот квалитет на министрите од „Вреди“ и што нивните ресори се маргинализирани. Ако продолжи ваквата перцепција меѓу албанските граѓани тогаш локалните избори навистина може да бидат сериозен неуспех за „Вреди“. Таравари сака да го избегне ваквиот можен исход и побара од коалициските партнери четирите партии да излезат со самостојни советнички листи на локалните избори, а за градоначалници да имаат заеднички кандидати. Другите три партии не се согласуваат со тоа. И имаат свои причини за ваквиот став. Овие четири партии се главно локалистички позиционирани, без поголема поддршка низ целата држава. На пример, Беса најголемата поддршка ја има во Тетово и околината, Демократско движење на вицепремиерот Изет Меџити поддршката ја има главно во Скопје, додека Алтернатива на спикерот Африм Гаши може да освои само маргинален број советници. Таравари преку самостоен настап на локалните избори сака да покаже дека тој и натаму е главното лице на „Вреди“.

Дали ќе излезе од „Вреди“ (а и од владата) е прашање на кое би требало да има одговор до крајот на април или на почетокот на мај. Премиерот Христијан Мицкоски најавува дека ќе се сретне и ќе разговара со Таравари околу 1 мај или после тоа. Како да се работи за преговори со Софија за решавање на проблемот со уставните измени, а не меѓу доверливи коалициски партнери. Нема некоја голема политичка филозофија зошто Мицкоски ја одложува официјалната средба со Таравари (иако тие во меѓувреме повеќепати разговарале). Мицкоски сака, доколку тоа е можно, да се смири бурата во албанската коалиција и владата и самиот тој да излезе со што помалку лузни од ова политичко невреме.

Изет Меџити јавно го притиска Таравари да се изјасни дали останува во „Вреди“или сака да оди со ДУИ. И ако не е во „Вреди“ тогаш треба да оди со ДУИ во опозиција. Тој ги поставува работите црно-бело: ако не си во „Вреди“, тогаш мора да бидеш со ДУИ. Не може да бидеш самостоен субјект кој ќе настапува независно во политиката или на локалните избори. Таравари последниве денови не се изјаснува прецизно откако ја фрли политичката бомба. Сигурно ги премерува политичките добивки и можните загуби. Таравари вели дека Алијансата за Албанците ќе излезе од Владата само ако премиерот им ја покаже вратата. Дотогаш ќе си седат во фотелјите. Според него, премиерот е тој што формира влада и никој друг нема право да кажува кој треба да биде во владата. Да бидеме рационални и да не брзаме, но нема да биде проблем и да нѐ исфрлат од владата, рече Таравари.

Ризик и за Таравари и за Мицкоски

Ризикот за Таравари е голем. А голем е и за премиерот Христијан Мицкоски. Тој ќе мора да најде добро објаснување како ќе функционира владата ако Таравари остане министер, а не е дел од „Вреди“. Алијансата на Таравари има пет пратеници од 14-те на „Вреди“, што значи дека ќе може да формира парламентарна група. Доколку Таравари биде приморан да оди во опозиција мнозинството на владата ќе биде 73, што е за седум помалку од двотретинското за усвојување на клучни закони или промена на уставот. Владата и натаму ќе биде стабилна, но тоа веќе нема да биде тоа. Мицкоски јавно настојува да ја смири ситуацијата, велејќи дека ништо не е загрижувачки.

Таравари признава дека има контакти со ДУИ, но не во правец да се приклучи на нејзината коалиција. Веројатно и самиот не знае како ќе се развива ситуацијата. Како, на пример, би отишол на локалните избори ако Апелацискиот суд кусо време пред гласањето би ја потврдил одлуката на тетовскиот суд дека печатите му припаѓаат на Села. Дали ќе има доволно време да регистрира нов политички субјект, дали тој евентуално ќе биде препознаен од албанските гласачи; дали ќе мора да оди со независни листи? И дали тоа може да се претвори во негов политички армагедон? За него изгледа е најдобро многу брзо конечно да ја донесе одлуката каква е неговата улога во овој политички водвиљ во владата и да може да се подготвува за изборите наесен. Што подолго одовлекува да го направи клучниот чекор по неговиот меѓупотег, работите ќе бидат на негова штета. После евентуалниот колапс на локалните избори пратениците од неговата група може да се разбегаат на различни страни, а тој да мора да се врати целосно на неговата работа во Клиничкиот центар по лошите политички пресметки. Каква и одлука да биде донесена тоа нема да ги реши проблемите во „Вреди“. Покрај идеолошките разлики таму има и битка на суети, затоа што секој сака да биде главен, или да не биде второстепен.

Во целата ситуација Алијансата за Албанците на Зијадин Села го држи Таравари на груба дистанца. Нема информации дали Села и Таравари преговараат за повторно да се здружат, но има изјави дека Села бара Таравари да се извини и да поднесе оставка. Што значи, да се помоли за прошка како некаков заблуден син кој се одметнал без татковиот благослов.

Таравари ја отфрла таа можност, но со него никогаш не се знае. Може да направи уште еден пресврт, но тоа треба да биде направено така што и Села и Таравари да изгледаат како победници и никој да не изгледа понижено. Тука се поставува прашањето – што ако Села и Таравари повторно се здружат, дали Алијансата за Албанците ќе остане во коалицијата на ДУИ. Доколку тие повторно бидат заедно таа партија може да биде game changer на локалните избори. Не дека ќе победи, но ќе земе значителен број гласови. Можеби повеќе од „Вреди“отколку од ДУИ.

Изет Меџити неколку пати изјавува дека „Вреди“ се забрзани активностите за обединување во една партијата (без Таравари) за да може да имаат поголем успех на локалните избори. И тоа може да биде во функција на контрола на штетата што може да се случи. Но бидејќи знаеме дека коалициите меѓу албанските партии се распаѓаа исто толку брзо како што се создаваа, никој не може да каже како и до кога би функционирала една ваква партија.

Целата ситуација не изгледа добро ни за еден од актерите: Арбен Таравари ризикуваше многу со неговите изјави за можното напуштање на „Вреди“ и одлуката на изборите да оди со самостојни советнички листи. Но во исто време може политички да се еманципира од другите тројца партнери. Тоа е ризична игра. Изет Меџити сака да се претстави како клучен лидер на „Вреди“ (а доаѓа од ДУИ, каде беше 20 години во врвот на партијата), но неговата работа како министер за екологија е многу скромна, речиси никаква. Тој дава само политички изјави, а малку за ресорот што го води. Речиси и да не го интересира тоа. Главниот интерес на Билал Касами е да добие уште еден мандат како градоначалник на Тетово, а со вака поделена „Вреди“ тешко ќе биде да победи и покрај тоа што ВМРО-ДПМНЕ сигурно ќе застане зад него и покрај неговиот лош мандат оптоваран со многу албански национализам. Африм Гаши ќе направи сѐ да остане во владината коалиција, тој и не може да помисли да замине од функцијата претседател на парламентот. Тој е прилично безличен на оваа функција, но ужива во неа.

А ДУИ? За партијата на Али Ахмети оваа поделба во „Вреди“ и слабите перформанси на министрите се политички капитал кој им доаѓа речиси бесплатно. И настојува да го искористи што е можно подобро: да ги поттикнува поделбите, да кокетира со актери од „Вреди“, да ја подјадува поддршката за коалицијата во јавноста. И да чека како таа поддршка се намалува уште повеќе. Освен ако не покаже голема нестрпливост, па албанските гласачи и на локалните избори да ги позиционираат на пристојна дистанца од власта.

Демкиши во голубарникот

Во меѓувреме, премиерот Христијан Мицкоски се врати на агендата на успеси што треба да се појават на хоризонтот. Ќе имало инвестиции од 5-6 милијарди долари – од Емиратите ли или и од некои други места. На шеиците им понудил неколку подрачја на Охридското Езеро за инвестирање (тоа заликува во стота со она што му го понудија на Субрата Рој неговите претходници во партијата – Никола Груевски и Зоран Ставрески). Па Чебрен, против чија изградба од грчкиот конзорциум одржаа стотици прес-конференции и заедно со здружението на инженери наглас викаа да го гради македонската држава. Па, Емиратите да биле дел од изградбата на коридорите 8 и 10д (можеби да ги финансираат ратите што треба да им се платат на „Бехтел и Енка“). Па во четвртокот се сврте уште еднаш како змејот од „Господарот на прстените“ против Левица да блуе оган претставувајќи ја како главна опозициска партија (посредно сугерирајќи дека можеби има некаков политички пакт за сериозно ненапаѓање со СДСМ). И по фалбите на обвинителството како ја води истрагата за Кочани, се врати на својата омилена тема – правосудството. Пред пратениците во четвртокот зборуваше дека членовите на Судскиот совет, на кои Собранието им изгласа недоверба, уште земале „илјадници евра месечен надомест“, а во Советот на јавни обвинители седеле луѓе со „образ ѓон“. И уште додаде:

„Ако некој мисли дека ние имаме кратко помнење се лаже, нема така едноставно да поминуваат некои работи“.

Но тоа може да се однесува и за него и неговата влада. Ако мисли дека граѓаните имаат кратко паметење за сето она што го ветија во кампањата за изборите и во годината пред неа, може да се излаже. Може тој мисли дека неговата партија е позната што нема кратко паметење, но и граѓаните долго паметат. Нивната казна може да дојде кога најмалку очекуваш, особено кога реформите станаа мисловна именка, кога владата и партијата сака да контролира сѐ, па дури и тагата, и кога се откажа од ЕУ за да останеме во македонскиот голубарник. Каде што тие ќе бидат најубавите демкиши.

Љупчо Поповски 

Back to top button
Close