Уште колку долго ќе можеме да седиме на две столчиња?
Владата пресече: од вчерашната конференција за печат на македонскиот министер за надворешни работи Муцунски разбираме дека „францускиот предлог“ е мртов. Во отсуство на бараните гаранции од ЕУ, дека запишувањето на Бугарите во Уставот ќе биде последното барање, министерот ја кажува нашата „јасна позиција“ . Со „… јасна позиција треба да ставиме конечно крај на процесот на билатерализација…“, „…крајно е време…да престанеме да преговараме за националните и идентитетските прашања“. Бараме директни преговори со Софија која смета дека преговорите сега се на линија Скопје-Брисел бидејќи билатералниот спор стана дел од преговарачката рамка.
Ако ја прашате ЕУ за „билатерализацијата“ тие ќе ви одговорат дека дел од нивните правила е да не се внесуваат меѓусебни спорови во Унијата,а аспирантите претходно да ги решат проблемите со соседите. Можеа на тоа да останат и во нашиот случај за ,на крајот од тој билатерален процес, да добиеме „чиста“ преговарачка рамка. Мислејќи дека ни прават добро, направија отстапка кон нас. Го внесоа проблемот со Бугарија во преговарачката рамка со цел да не се закочи процесот на преговори за пристапување на Македонија кон Унијата. Соочени со предизвикот од преговори, спас побаравме во „чиста“ рамка, неоптеретена од билатералниот спор.
Треба да сме внимателни што посакуваме оти, на крајот, желбата може и да ни се оствари: да излеземе од преговарачката рамка додека не го разрешиме билатералниот спор. Зашто, вон од европскиот надзор, во преговори „еден на еден“ со држава членка на ЕУ, не ни се пишува добро. Забележувам дека нашата политика, како и многу пати низ децениите, гаи надежи во промената на правилата на одлучување во ЕУ. Повеќе членки изразуваат несогласување со ветото и бараат напуштање на едногласноста. Но, за такви промени ќе треба многу време. Мислите ни се средоточени врз идните мали држави аспиранти за членство но замислете ја ситуацијата во која би се нашле на големите европски сили. Тешко е да се замисли надгласување на Франција или на Германија за надворешно-политички или безбедносни теми.
Ако ја прашате новата админситрација на Трамп за совет, тие ќе ви кажат дека Северна Македонија е суверена држава и самостојно треба да носи одлуки, согласно своите национални интереси. Според тоа, ако владата не го прифаќа „францускиот предлог“, треба да го одбие и да бара ново решение. Но, треба да се има на ум дека логиката на новата американска администрација кон ЕУ е дијаметрално спротивна од однаа на сите претходни администрации од создавањето на Комисјата за јаглен и челик до денес. Да се потсетиме на зборовите на новиот американски претседател дека ЕУ е создадена да ја „зафркне“ Америка. И што ако американската цел денес е да ја „зафркнат“ Европа со помош на Унгарија, Словачка, Србија и Македонија, на пример?
Кого прашавме ние за изнесените ставови од страна на македонскиот министер? Мислам дека никого не сме пршале. Не сме прашале зашто никого и не го интересираме. Кажаното од владата е наша одлука и е согласно волјата на мнозинството гласачи во земјата.
Да нема забуна: никогаш порано во историјата на независна Македонија немало такво совпаѓање меѓу надворешната политика и волјата на народот. Колку е тоа добро за државата во свирепата сфера на меѓународната политика, допрва ќе видиме. Инаку, ваква целосно независна позиција ќе беше незамислива во времето на сите претходни американски администрации, времиња кога постоеше силна соработката околу Балканот на линија Брисел – Вашингтон. Всушност, последната изјава на македонскиот министер за надворешни работи е уште една потврда дека таквата соработка е веќе минато. Денес, погледите на светската политика меѓу Брисел и Вашингтон се различни, па и конфликтни, па прашање е колку долго власта во земјата ќе може да седи на две столчиња.
Она што е веќе јасно е дека оваа политика ќе доведе до заладување на односите со Брисел и со Софија, што, со време, ќе се одрази и на меѓуетничките односи во нашата држава. Власта во Македонија мисли дека ја контролира ситуацијата, само за да научи, во некое идно време, дека ситуацијата ги контролирала нив.
Денко Малески