Македонија ја победи Бугарија, а тримуфираше хуманоста

Пред пoлните трибини на стадионот „Спартак“ вo Варна ѕвездената фудбалска селекција на Бугарија вчера загуби со 2:3 од ѕвездениот тим на Македонија, во хуманитарниот меч за поддршка на настраданите од пожарот во нелегалната дискотека во Кочани. Пред почетокот на мечот со едноминутно молчење им беше оддадена почит на загинатите во трагедијата. Организатор на хуманитарниот натпревар беше бугарската фондација „Национали 94″, основана лани, на 30-годишнината од Светското првенство во САД од 1994 година, на кое бугарските фудбалски легенди завршија како четврти.

Македонскиот тим трипати поведе во резултатот, бугарските фудбалери израмнија двапати, а Дарко Тасевски со гол во 57-ата минута му донесе победа на македонскиот тим.

Со оглед на хуманитарниот карактер на натпреварот, резултатот беше во втор план, а во прв – пораките што ги испратија фудбалските легенди од двете земји за пријателство, помагање, хуманост.

Пандев: Спортот е најголем амбасадор

Бугарската фудбалска легенда, Христо Стоичков, како капитен на домашниот тим, доби дрес од македонската фудбалска репрезентација пред стартот на натпреварот, а од публиката беше награден со громогласни аплаузи кога истрча на теренот. Тој се заблагодари на општината Варна што ја прифати и помогна иницијативата на нивната Фондација, токму таму да се одржи величествениот настан.

„Кога се случи трагедијата во Кочани, веднаш се јавив на мојот пријател Горан Пандев и на Ѓоко Хаџиевски. Нема да ги вратиме тие деца кои заминаа во таа огромна трагедија, но од името на целиот наш тим им благодарам на нашите браќа кои прифатија да дојдат. Ние сме сочувствителни во маката. Секогаш сме биле сочувстителни и секогаш ќе помагаме. Им благодарм и на луѓето од Варна кои не го забораваат тоа што сме го постигнале. Годините поминувааат, спомените остануваат. Пречекот беше величествен“, изјави Стоичков.

Пандев по мечот јавно им се заблагодари на бугарските фудбалски ветерани и на федерацијата за покажаната солидарност.

„Се заблагодарувам од наше име, од името на цела Македонија, како и од претседателот на Фудбалската федерација на Македонија. Благодарни сме за прекрасната организација, за нас беше чест да го одиграме овој натпревар со најдобрата генерација на бугарскиот фудбал (…) Како што кажа Христо (Стоичков, н.з.) децата не можеме да ги вратиме, тоа беше голема трагедија, не само за Македонија, туку и за цела Европа. Никогаш повеќе да не се случи такво нешто. Со оваа иницијатива сакавме малку да помогнеме колку што можеме, бидејќи спортот е најголем амбасадор на Европа“, порача Пандев.

Пет од повредените остануваат во Бугарија

На денот на хуманитарниот меч во Варна, бугарскиот министер за здравство Силви Кирилов, ја посети Универзитетската болница „Св. Ѓорѓи“ во Пловдив и се сретна со двајцата пациенти од Македонија кои се лекуваат таму и со медицинските тимови кои се грижат за нив. Министерството објави и фотографии од средбата, на кои се гледа дека двајцата пациенти од Македонија се во добра состојба. За траумите низ кои поминале сѐ уште сведочат преврските на рацете, вратот, нозете…

„Сакам да им се заблагодарам на сите мои колеги за високиот професионализам и одлично завршената работа. Докажавте дека највредната помош е онаа што се пружа навреме. Како лекари, сепак знаеме дека од исклучителна важност е и силата на човечкиот дух и желбата за живот. Среќен сум што овие двајца мажи го покажаа токму тоа“, порачал министерот Кирилов, како што соопшти бугарското Министерство за здравство.

По повеќе од 6 седмици лекување, вкучувајќи редица оперативни интервенции, рехабилитација и психолошка помош, пациентите од болницата во Пловдив ќе бидат испишани. Под лекарски надзор во болницата „Пирогов“ во Софија ќе останат уште четири од хоспитализираните, и еден во болницата во Варна. Претходно, 15 повредени од Македонија беа сместени во три медицински установи во Софија, Пловдив и Варна.

Во сферата на политичкото

Вчерашниот ден во Бугарија беше фреквентен и на политички план. Во посета на Софија е претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, кој вчера се сретна со претседателот и со премиерот на Бугарија. На средбите се разговарало и за интеграцијата на земјите од Западен Балкан. Кабинетот на Румен Радев соопшти што рекол бугарскиот претседател по тоа прашање.

„Не треба да дозволиме зад изјавените амбиции за членство во ЕУ да се прикриваат нарушувања на принципите на демократијата и човековите права “, нагласи Радев.

Тој истакнал дека Бугарија го поддржува проширувањето на ЕУ како гарант за безбедноста, стабилноста и просперитетот на континентот, но за да биде одржлив и неповратен тој процес, треба да се базира на системски напори на секоја земја-кандидат за афирмирање на вредностите на демократијата и на Копенхашките критериуми за членство.

По средбата со бугарскиот премиер, Кошта одговорил и на прашање за Македонија.

„Европскиот совет ќе продолжи да работи со Република Северна Македонија за спроведување на обврските преземени во врска со членството во Европската Унија“, изјавил претседателот на Европскиот совет како одговор на прашање од Бугарското национално радио.

„За две недели ќе го посетам регионот – сите шест земји од Западен Балкан – за да разговарам со сите лидери и да продолжам да го поттикнувам овој процес напред. Ние сме целосно посветени и посветени на успехот на ова проширување и верувам дека тоа ќе биде исклучително важно за сите земји во Европската Унија, а особено за Југоисточниот регион. Сметаме на напорите на сите страни за да се надминат и да се решат проблемите, да се адресираат на правилен начин различните прашања и да се гарантира ефективното проширување“, изјавил Кошта по средбата со бугарскиот премиер (dw)

Back to top button
Close