Зошто генерацијата Z внимателно го следи изборот на новиот папа?

Претстојниот избор за нов папа не е само клучен момент за Католичката црква, туку стана вистинска опсесија за генерацијата Z. Конклавата сега е тренд на социјалните мрежи, а она што некогаш беше свечен ритуал зад затворени врати, сега стана поп-културен момент, исполнет со мимови, камери на обожаватели и онлајн дебати.

На мрежата Х (поранешен Твитер), корисниците ги анализираат „папабилите“ како да е избор за фантазија-фудбал тим. Додека минатогодишниот хит филм „Конклава“ го разгоре интересот, TikTok дополнително „потурна масло на огнот“, со видеа на кардинали што маршираат низ плоштадот Свети Петар како ѕвезди на Коачела, со своите свечени облеки и светото самобендисување, пишува Politico.

Во неочекуван пресврт на дигиталната судбина, генерацијата Z го претвори најсветиот избор во вирусен момент за Ватикан.

Но, тоа оди и подлабоко. Корисниците споделуваат свои мислења за потенцијалните кандидати, мерејќи ги нивните доблести и слабости. Со мимови и анегдоти им даваат личност на лица што порано беа непознати за јавноста — и тоа со полна причина.

Во историјата на институција стара како Католичката црква, малку настани се важни како претстојната Конклава. Ангажманот на генерацијата Z означува значајна промена во начинот на кој младите гледаат на религијата: наместо да ја гледаат Црквата како институција само за побожните, многумина ја доживуваат и како политичко и културно прашање.

Починатиот папа Франциск ја разбираше оваа промена и се позиционираше на раскрсницата на најгорливите прашања за генерацијата Z. Со својата енциклика „Laudato Si’“ од 2015 година упати силен повик за акција против климатските промени, обвинувајќи ги политичките лидери за неактивност и морално самозадоволство. За генерација што се соочува со неизвесна иднина, неговата морална јасност беше вистински одговор на празнината што ја оставија владите.

Исто така, за време на војната меѓу Израел и Газа, додека светските лидери расправаа за воена помош и ескалација, Франциск веќе апелираше за прекин на огнот.

Сето тоа одигра улога во зголемениот интерес на генерацијата Z за заминувањето на Франциск и претстојната Конклава. Сепак, нивниот интерес е воден и од длабока генерациска анксиозност. Иако Франциск никогаш јавно не се спротивстави на официјалните ставови на Црквата за ЛГБТК+ заедницата и за женските прашања, неговиот тон сигнализираше промена што за многумина беше недоволна. За многу млади, Црквата сè уште изгледа како реликт на старо, исклучително време.

Затоа, со наследството на Франциск во баланс, генерацијата Z внимателно го следи прашањето кој ќе го наследи.

Кои се фаворитите на генерацијата Z за нов папа?

Речиси 70% од кардиналите со право на глас ги именуваше самиот Франциск — импресивен број, но не доволен да ја гарантира неговата визија за иднината. Дополнително, неколку водечки кандидати, како американскиот кардинал Рејмонд Берк, се длабоко вкоренети во конзервативното крило на Црквата, што е сосема различен свет од вредностите на Франциск и на младите генерации.

Сепак, според онлајн дискусиите, три кардинали се издвојуваат како фаворити кај генерацијата З:

Кардинал Матео Марија Цупи – надбискупот на Болоња, познат по својот прогресивен став и блискоста со Франциск. Цупи храбро се заложи за поголема инклузивност во Црквата, отворено ги поздравува ЛГБТК+ лицата, поддржувајќи ги благословите за истополови парови и навестувајќи пошироко признавање на таквите заедници во рамки на христијанството.

Кардинал Пјербатиста Пицабала – латинскиот патријарх на Ерусалим, именуван од Франциск во 2020 година. Тој има суптилно разбирање за палестинското прашање, изразувајќи солидарност со палестинските христијани и залагајќи се за подобра грижа за бегалците, како и за поголема улога на жените во Црквата.

Кардинал Луис Антонио Тагле – од Манила, Филипини, кој зборуваше против маргинализацијата на ЛГБТК+ лицата и исклучувањето на разведените и повторно венчаните лица од светата причест. Се смета за прогресивно знаме на Азијската црква.

Но, новиот интерес на генерацијата Z не е само за религиозниот идентитет – туку и за динамиката на моќта. Како што институциите сè повеќе се повикуваат на отчетност за својата улога во општеството, така и улогата на Конклавата станува далеку поважна од самото прашање кој ќе седи на папскиот трон.

Младите се грижат нивниот глас да се слушне, изразувајќи ги своите преференции со досега невидена енергија.

Прашањето е: дали Конклавата ќе избере папа што ќе ја доближи Црквата до прашањата што се важни за генерацијата Z?

Засилувањето на застарените догми и понатамошното отуѓување на младиот свет што веќе се чувствува отсечен од традиционалните верски институции можеби нема да биде најмудриот чекор. Ова не е само теолошко или литургиско прашање – ова е прашање за иднината на папството како институција.

Генерацијата Z бара повеќе од своите институции, а одговорот на Црквата ќе одреди дали ќе остане релевантна во децениите што следуваат. (Рацин)

 

Back to top button
Close