Ивановска: Претседателката на ДКСК мора под итно да си поднесе оставка за да може институцијата слободно да се чисти
Претседателката на Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) мора најитно да си поднесе оставка, затоа што на овој начин сè уште ја инфицира институцијата. Треба да се тргне за институцијата да може слободно да се чисти, порача поранешната претседателка на ДКСК Билјана Ивановска, денеска, пред одржувањето на сесијата на Националната конвенција за ЕУ во РСМ посветена на борба со корупцијата.
На новинарско прашање поврзано со случајот со актуелната претседателка на ДКСК, Татјана Димитровска, која минатата недела се најде на листата осомничени во случајот „Адитив“ поради оддавање службени тајни на друг обвинет во случајот, Ивановска вели несомнено е нанесен тежок удар врз општеството, граѓаните и институцијата, нагласувајќи дека не е момент да се седи со скрстени раце.
Според Ивановска, на потег сега е законодавниот дом пред кого одговараат и претседателката и членовите на Антикорупциската комисија.
– Се случило што се случило, сега треба да гледаме како понатаму, значи треба да се бара чаре. На потег е Собранието – кои механизми може да ги преземе, што може самата институција да направи од аспект на самопроценка на ризици од корупција. Ние сме правеле и претходно во насока на зголемување на интегритетот на таа институција, имаме регистар со ризици од корупција и мерки како тие да се надминуваат. Тоа треба сега да се преиспита, да се види кои се високите ризици, со какви контроли треба да се покријат и така натаму, рече Ивановска.
Според поранешниот член на ДКСК Владимир Георгиев, одговорноста е индивидуална на секој член, меѓутоа тоа влијае врз работата на целата институција и нејзиниот углед во јавноста. ДКСК, вели Георгиев, е на граница на својата доверба во јавноста и ќе треба дополнителен напор за да се врати довербата.
– Она што произлезе од работата на Јавното обвинителство дека е вмешана претседателката на ДКСК, навистина влијае врз имиџот и довербата на јавноста, но и другите институции во работата на ДКСК. Што се однесува на тоа дали целата институција е виновна, сметам дека тоа е индивидуална одговорност на секој поединечен член, во случајот на претседателката, меѓутоа тоа влијае врз работата на ДКСК и нејзиниот углед во јавноста. Многу е тешко да се стекне доверба преку работа, непристрасност и посветеност, меѓутоа многу лесно може да се изгуби таа доверба. ДКСК е веќе на граница на својата доверба во јавноста и треба многу дополнителен напор за да ја поврати таа доверба, рече Георгиев.