Шекеринска не верува оти американската војска ќе се повлече од Косово
Заменичката генералeн секретарка на НАТО, Радмила Шекеринска, изјави дека не верува оти американската војска ќе се повлече од Косово. „Не, она што го велиме е дека сите сојузници мора да придонесат повеќе. И во овој поглед, токму тоа го гледаме. На пример, дури и КФОР во моментов е предводен од европски сојузник, што е важно за сите сојузници, но особено за европските, особено за оние поблиску до овој регион“, изјави таа за денешното издание на подгоричкиот весник „Вијести“.
Според неа, фактот што во последните шест месеци дополнително се зголемени средствата за одбрана кај членките на НАТО е резултат на војната во Украина, но и на силните барања од Вашингтон, бидејќи Вашингтон очекува пофер распределба на товарот меѓу Европа, Канада и САД.
„Веруваме дека ова води кон уште посилна Алијанса, што останува столб на колективната одбрана. И секако, соработката со ЕУ по ова прашање ќе продолжи“, рече таа без прецизно да одговори на прашањето што мисли за формирањето на армијата на Европската Унија кое се најавува со години.
Во март, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, презентираше план од пет точки за вооружување на Европа, кој би можел да собере околу 800 милијарди евра за побезбедна Европа. Плановите за зголемување на одбранбените капацитети на Европа се појавија по тензичната средба меѓу Трамп и украинскиот претседател Володимир Зеленски во Вашингтон. Трамп врши притисок врз другите членки на НАТО да ги зголемат своите трошоци за одбрана на пет проценти од БДП, од сегашното ниво од околу два проценти.
Коментирајќи го воениот договор потпишан од Хрватска, Албанија и Косово кон средината на март, Шекеринска рече дека тоа не е ништо необично.
„Нашиот сојуз опфаќа 32 земји кои се уште го имаат своето суверено право да склучуваат договори со други земји. Јас доаѓам од земја која неодамна се приклучи на Алијансата, во 2020 година, но се сеќавам дека претходно имавме разни одбранбени договори со членките на НАТО. Значи, ова не е ништо необично“, рече таа.
Шекеринска додаде дека НАТО им верува на своите сојузници, особено на оние од регионот, дека сакаат дополнително да придонесат кон регионалната безбедност. Но, таа нагласи дека тоа не е договор склучен во рамките на НАТО.
На 18 март, Хрватска, Албанија и Косово потпишаа договор во Тирана, односно декларација која, како што соопшти хрватското Министерство за одбрана, ја нагласува важноста на „заедничкиот одговор на безбедносните предизвици, хибридните закани и другите ризици што би можеле да ја загрозат стабилноста на регионот“.
Шекеринска изјави дека тие се сигурни сојузници и верува дека целта на сите, вклучително и на НАТО, е да инвестираат во постабилен Западен Балкан.
„Затоа имаме три члена од регионот. Имаме и партнери, како што се Босна и Херцеговина (БиХ) и Србија. Не гледаме причина за поинаков наратив“, оцени таа.
На прашањето дали смета дека е контроверзно што словачкиот премиер Роберт Фицо ќе присуствува на Парадата на победата на 9 мај во Москва, таа одговори дека не треба да се реагира пред да се случи нешто.
„Како Алијанса, испративме јасна порака дека Русија е закана. Со започнувањето на војната во Украина, таа стана закана за безбедноста и стабилноста на сојузниците и на самата Алијанса. Ова е ставот што НАТО го има веќе некое време“, рече Шекеринска.