Николовски: Немавме дилема дека мандатар треба да е Заев
СДСМ е горда што заедно со БЕСА ја имаше првата широка мултиетничка коалиција која настапила на едни парламентарни избори, а при изборот на предлог мандатар ниту сме биле ограничени, ниту ќе се ограничуваме на тоа од која етничка припадност ќе е таа личност. Во оваа ситуација, немаше дилема дека мандатарот треба да е Зоран Заев, како предлог на победничката коалиција „Можеме“, напиша генералниот секретар на СДСМ, Љупчо Николовски на својот профил на Фејсбук.
Тој додава дека заедно со коалицијата „Можеме“ и со партиите ДУИ и ДПА го прават мнозинството од 62 пратеници и со тоа продолжуваат понатаму кон составување на новата Влада.
„При креирањето Владина коалиција инсистиравме на обезбедување стабилност во следните 4 години. Предизвиците се големи. Не чека многу работа. Новите кадри мора да донесат уште посилни чекори напред во европската иднина на државата, како и одлучни реформи во борбата со корупција и прочистувањето на правосудството. Сето тоа со внимание и будност пред здравствено-економската криза и можноста за нови удари од ковид-19. Зоран Заев, ќе биде премиер во наредните 4 години и заедно со најблиските соработници ќе даде се од себе да ги оствариме сите стратешки цели кои ги споменав погоре“,додава Николовски.