(Видео)Не бегам, не молчам, не се кријам, вели Тошковски на повиците од протестантите да не се крие и одма да си оди

Во Собранието почна расправата по интерпелацијата на министерот за внатрешни работи Панче Тошковски поднесена од пратеничката група „Левица“ поради тоа што, според оваа партија, министерот Тошковски несоодветно ја извршувал функцијата, постапувајќи нестручно, непрофесионално, несовесно и неодговорно поради што имало низа противзаконски дејствија, скандали и кадрови поместувања во МВР.

„Во моментите кога државата е исправена пред своите најболни прашања, не смееме да дозволиме да не води ниту гневот, ниту стравот, ниту политичкиот профит. Треба да нè води единствено обврската да ја кажеме вистината и да ја браниме правдата. Затоа јавно велам: Јас не бегам, не молчам, не се кријам. Јас останувам овде, со целата тежина на обврската што ја носам. Граѓаните имаат право да прашуваат. И имаат право да добијат одговори. Но никој нема право да ја злоупотребува болката за ситни политички поени. Интерпелацијата која денес ја разгледуваме, без основа, без аргументи, е чин на очај, а не чин на одговорност. Оние кои ја поднесоа, и оние кои ја поддржуваат, сакаат да не вратат назад, во времињата на молк, на недопирливост и на заштита на привилегирани. Тоа нема да го дозволам. Ниту заради себе, ниту заради народот кој заслужува држава што се менува на подобро“, рече Тошковски и додаде:

„Почитувани семејства на настраданите, ви должиме повеќе од сочувство. Ви должиме систем што учи од трагедијата, а не ја заборава. Секој ден во оваа институција ќе биде заложба за тоа вашата болка да не остане нем сведок на заборавот. Ќе направиме сè што е во наша моќ за да изградиме држава што штити, држава што реагира навреме, држава што го става животот на граѓанинот пред сè. Сакам да се обратам и на младите луѓе, вие сте најгласниот коректор на ова општество. Вашиот глас е нашиот будилник. Не молчете кога ќе видите неправда. Вие не се плашите да прашате, да објавите, да снимите. Нема да дозволам никој да ви го одземе правото на праведна, безбедна и фер држава. До сите припадници на полицијата: постојат два вида службеници – оние што со чест ја носат униформата и оние што ја валкаат. На чесните им порачувам – вашата пожртвуваност ќе биде наградена. Вашата чесност ќе биде столб на новото МВР. А на оние кои ја злоупотребиле функцијата – повеќе нема заштита, нема молк, нема политички чадори. Ќе има одговорност – без оглед на функцијата, врските или историјата“.

Back to top button
Close