ВИДЕО: Филипче дојде пред родителите на загинатите деца во Кочани

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче излезе пред семејствата на загинатите во пожарот во Кочани.

Излегоа и пратеничките Славјанка Петровска, Сања Лукаревска, Бисера Костадиновска Стојчевска, како и Оливер Спасовски, Љупчо Николовски.

Пратениците на СДСМ најпрвин беа пречекани со негодувања и со зборовите „убијци, убијци“. Откако ситуацијата се смири, дел од присутните порачаа „добро е овие барем се симнаа, за разлика од некои“.

„Ние ги побаравме. Се одважија да излезат за разлика од некои други кои не се одважија ниту добар ден да ни кажат“, изјави еден родител.

-Ние сме со вас. Даваме се од себе во борбата. Институционално правиме тоа што можеме. Бараме истрагата да не биде селективна и тоа го правиме со расположливите инструменти, рече Филипче пред гневните родители и граѓани.

Дел од семејствата на загинатите упатија прашање до пратениците – што се случи со решенијата на претходното раководство на МВР за престанок на работата на дискотеката „Пулс“. Една од мајките на загинато дете рече дека тогашниот министер Оливер Спасовски издал барање за затворање на „Пулс“. Кој потоа не ја спровел потврдата, треба да кажат надлежните органи, кажа таа.

-Ние сме тука. Со ова не сакаме да постигнеме политички поени. Тука сме да помогнеме, додаде Филипче.

Фото: Слободен печат

Back to top button
Close