Три лица се убиени во вооружен напад во шведскиот град Упсала
Портпаролот на полицијата, Магнус Јонсон Кларин за шведската телевизија ТВ 4 изјавил дека во тек се опсежни мерки за пронаоѓање на напаѓачот и дека во потрагата е вклучен и полициски хеликоптер

Три лица се убиени во пукање што вчера попладне се случило во шведскиот град Упсала, потврдила тамошната полиција, пренесува Би-би-си.
Пукањето се случило во фризерски салон во близина на плоштадот Ваксала во центрот на градот, објавија локалните медиуми, а според извештаите, вооружениот напаѓач побегнал од местото со скутер и сè уште е во бегство.
Полициските екипите поставиле голем безбедносен периметар околу местото на настанот и во тек е истрагата за нападот и убиството на трите лица, чиј идентитет не е соопштен.
Вооружениот инцидент, како што се наведува, се случил во пресрет на пролетниот фестивал Валпурги, на кој голем број луѓе се собираат на улиците на Упсала, град кој се наоѓа северно од шведската престолнина Стокхолм и кој е познат по својот универзитет.
Според изјави на сведоци сè се случило многу брзо.
„Само се слушна бам, бам, бам“,изјавил сведок за шведскиот канал ТВ4.
Друго лице кое било во својот дом рекло дека слушнал два истрели како одекнуваат од улицата. Пукотниците, како што опишал тој, звучеле како огномет.
Кратко потоа на местото почнале да пристигнуваат бројни полициски и амбулатни возила, кои ја блокирале улицата и почнале да им кажуваат да се засолнат.
Една од жртвите во нападот, како што објави шведскиот националне радиодифузер – СВТ, бил под истрага за наводен планиран напад на роднина на водач на криминална банда.
Инаку, во шведска постои зголемена загриженост поради бројот на вооружени престрелки меѓу криминални банди во последните години, поради што владата на земјата најави заострување на законите за оружје во земјата.
Портпаролот на полицијата, Магнус Јонсон Кларин за ТВ 4 изјавил дека во тек се опсежни мерки за пронаоѓање на напаѓачот и дека во потрагата е вклучен и полициски хеликоптер.
Кларин изјавил дека по инцидентот бил запрен железничкиот превоз во областа за да се спречи сторителот да ги користи при бегството.
Според инфромациите, полициски службеници одат од врата до врата во областа собирајќи изјави од потенцијални сведоци на настанот.
Во меѓувреме, министерот за правда на Шведска, Гунар Штромер во изјава за ТВ 4 го опишал инцидентот како брутален чин на насилство.
Во ажурирана објава на нивната веб-страница, шведската полиција соопшти дека има загриженост кај јавноста пред претстојните прослави на Валпурги, но нивната првична проценка е дека станува збор за изолиран инцидент и дека нема опасност по граѓаните.
Како што потсетува Би-би-си, во февруари годинава, 10 лица беа убиени во пукотница во центар за образование на возрасни во шведскиот град Оребро.