Стотици севернокорејски војници загинаа борејќи се против Украина, тврди Сеул
Околу 600 севернокорејски војници загинале додека се бореле во Русија против Украина, соопштија денеска јужнокорејските пратеници, повикувајќи се на разузнавачката агенција на Јужна Кореја. Според нив, вкупно 15.000 севернокорејски војници биле стационирани во областа, објавија светските агенции.
Според пратениците, досега вкупно 4.700 севернокорејски војници се убиени или ранети во Курската област. Сепак, пратениците додадоа дека севернокорејската војска покажала зголемени борбени способности во последните месеци, користејќи модерна воена опрема.
Во замена за распоредување војници и снабдување на Русија со оружје, Пјонгјанг очигледно добил техничка помош за своите шпионски сателити, како и беспилотни летала и противвоздушни ракети, рекоа парламентарците.
-По шест месеци војна, севернокорејската војска ја зголеми својата компетентност, со значително подобрени борбени способности и научи како да ракува со ново оружје како што се беспилотни летала, изјави Ли Сеонг-квон, член на парламентарниот разузнавачки комитет, за новинарите откако доби податоци од Националната разузнавачка служба на Јужна Кореја.
Порано оваа недела, Пјонгјанг за прв пат потврди дека испратил војници во Русија по наредба на лидерот Ким Џонг-ун и дека тие ѝ помогнале да ја врати контролата врз руската територија, која беше нападната од украинските сили минатото лето.
Невиденото распоредување на илјадници севернокорејски војници, како и огромните количини на испорачани артилериски гранати и ракети, ѝ дадоа на Русија одлучувачка предност на бојното поле во западниот Курски регион.
Ли Сеонг-квон додаде дека телата на загинатите севернокорејски војници биле кремирани во Курск, а потоа урните биле испратени во Северна Кореја.
Се верува дека Пјонгјанг, исто така, испратил околу 15.000 работници во Русија, рекоа пратениците, повикувајќи се на проценки на разузнавачките служби