ВЛЕН стана еден политички субјект, Таравари ни таму ни ваму

Започнува поглавје кое ќе биде напишано со гордост, објави синоќа ВЛЕН (ВРЕДИ), која веќе нема да биде коалиција од неколку партии – туку еден политички субјект.

ВЛЕН (ВРЕДИ) нема веќе да биде коалиција од неколку партии, туку еден политички субјектФотографија

„Силите на промената го направија првиот голем чекор – создавање заедничко претседателство на ВЛЕН. Од овој момент па натаму, секој чекор, секоја акција и секој напор ќе се прави само под едно име, ВЛЕН и под едно знаме – знамето на промените!“, објавија оттаму.

На средбата учествуваа претседателите на досегашните партиски субјекти, Билал Касами (Беса), Изет Меџити (Демократско движење), Зекирија Ибрахими (Алтернатива) и независниот пратеник од Самоопределување, Беким Ќоку.

Веќе нема да фигурираат имињата Беса, Демократско движење, и Алтернатива, бидејќи стапува на сила мораториум за јавни активности на партиите што досега ја сочинуваа коалицијата, и отсега сѐ ќе биде под името и логото на ВЛЕН.

„Повеќе нема други бои, повеќе нема посебни имиња, има само еден глас, една сила – ВЛЕН“, објавија тие.

„Нашата парламентарна група продолжува да биде пообединета од кога било, со пратеници кои се посветени на давање сила на оваа нова надеж што се појави за Албанците. Од денес, секој чекор ќе биде посилен, секој збор помоќен, секој напор пообединет!”, порачаа од новиот партиски субјект.

Два политички концепта

Во ВЛЕН течат подготовки за локалните избори во октомври. Најавија дека на следните средби ќе ги конституираат и другите органи на раководството, локалните и централниот изборен штаб. Пред средбата, беа искажани уврувања дека Владата е стабилна и дека нема никаква потреба од предвремени парламентарни избори.

„Мнозинството е стабилно, сигурно. Во историјата на Македонија не знам за друга влада што имала толку голем број пратеници во поддршка на политиките на владата. Ќе има локални избори во октомври, на кои граѓаните ќе го оценат ВЛЕН како концепт, или Европскиот фронт, од друга страна. Постојат два политички концепта каде што граѓаните повторно ќе имаат плурализам, ќе имаат можност да изберат – едното или другото, и не гледам потреба за други избори“, рече Меџити.

Нивниот довчерашен партнер, Арбен Таравари, кој предводи едно крило од Алијанса за Албанците, самиот се „развенча” од ВЛЕН со одлуката да настапи со посебни листи за советници на локалните избори, а јавно не исклучи соработка со други партии во вториот круг, меѓу кои и со ДУИ.

„Пораката од сите партнери во Владата е дека секој што помага и соработува со ДУИ не треба да се срами. Нека го изложи тоа во јавноста и слободно може да оди и да се приклучи на ДУИ. Но, не може да биде и во Владата, и со ДУИ“, рече Меџити.

Меџити: Не може да се биде и во Владата и со ДУИ

Екстремен неморал

Таравари во моментов е ни таму ни ваму. За да соработува и да добие поддршка од Европскиот фронт предводен од ДУИ, ќе биде важен и ставот на Зијадин Села, претседател на другото крило на Алијанса за Албанците, кое е дел од фронтот и опонент на Таравари. Во интервју за МРТ2, Села порача дека нивната партиска врата останува отворена, но само за членови на АА.

„За членовите на Алијанса за Албанците кои отидоа кај Таравари вратата останува отворена, но не и за Таравари!“, дециден беше Села, објаснувајќи дека разликите меѓу нив не се само политички, туку и морални.

Според Села, враќање или сојуз со Таравари би претставувало „екстремен неморал“, бидејќи поделбата во партијата не била само прашање на стратегии или моментални интереси, туку длабока последица на политичкиот пристап и принципи.

Таравари засега ги стишува шпекулациите дека би можел да остане без дел од пратениците. Тој завчера објави фотографија со пратениците на АА за да демонстрира единство, по наводите дека некои од нив не се согласувале со одлуката на Таравари за посебни листи. Во коментари под фотографијата беше потсетен дека тие станале пратеници кога биле во ВЛЕН.

Арбен Таравари е ни ваму ни таму

ДУИ со истата песна

Додека пазлите во албанскиот блок се прередуваат, ДУИ продолжува да го оспорува легитимитетот на ВЛЕН, да обвинува за „маргинализација на Албанците која ги загрозува стабилноста, функционалноста и европскиот пат на државата”.

„Само предвремени избори се решение!“, порача ДУИ.

Според оваа партија, денес нема легитимна застапеност на Албанците во Владата, туку група партии со минимална поддршка, има нарушување на институционалната и општествената рамнотежа во земјата и маргинализација на Албанците во државниот, административниот и јавниот живот.

Ова претседателот на ДУИ, Али Ахмети, го посочил и на вчерашната средба со претседателката на Косово, Вјоса Османи, во Приштина. Тој изразил „длабока загриженост за влошувањето на политичката и институционалната состојба во Северна Македонија, каде Албанците се под систематски напад од еден хибриден политичко-олигархиски блок со етнички супремацистички карактер и со политички инжинеринг на албанското претставување”.

Вакви критики ДУИ пласира од денот кога замина во опозиција. Намерата на партијата да издејствува вонедни парламентарни избори, засега изгледа безуспешно, а ни потегот на Таравари нема да помогне во таа насока, доколку тоа била целта или една од целите.

Медиуми на албански јазик пренесоа статус на пратеникот на коалицијата ВЛЕН, Беким Сали, од социјалните мрежи, каде тој го опишува претходниот начин на управување во селото Зајас, родното место на Ахмети.

„Али инвестираше во Зајас само еднаш: го направи својот внук сопственик на ‘Соравија’. Денес, благодарение на ВЛЕН, во Зајас се инвестира за граѓаните – не за внуците“, порачал Сали. (dw.mk)

Back to top button
Close