Џолев:Секоја година имаме сѐ повеќе предмети, а сѐ помалку судии и судски службеници

Претседателот на Здружението на судии, Иван Џолев, порача дека судството не може да биде ефикасно без соодветна поддршка и ресурси. Во изјава за медиуми по отворањето на конференцијата „Зајакнување на судската независност и одговорност преку поголема ефикасност на постапките“, тој посочи дека недостигот од кадар и финансии се главни пречки за подобрување на состојбите во правосудниот систем.

-Ефикасноста во моментов е проблем, меѓутоа не толку голем. Ефикасноста ја генерираат некои други структури. Недостигот на судии, на судски служби, финансиската независност создаваат проблеми во смисла на кадровски решенија. Ние имаме секоја година сѐ поголем број на прилив на предмети, а сѐ помал број на судски службеници и судии. Едно со друго не оди. Ако сакаме ефикасно судство, мора да се вложува во истото, да се инвестира, да имаме капитални инвестиции, нови вработувања, да се дигитализира судството итн, истакна Џолев.

Тој додаде дека судската фела мора да биде активно вклучена во реформските процеси.

-Здружението на судии, кое што брои повеќе од 300 членови, е најголемиот брејнсторм во овој сектор, така што не треба да биде игнориран, напротив, сметам дека треба активно да бидеме вклучени во тие реформи, рече тој.

Џолев се осврна и на буџетската поддршка за судството, потсетувајќи дека тие 0,8 проценти загарантирани со закон од Буџетот на РСМ, кои што треба да се одвојуваат за судството, досега никогаш не биле обезбедени.

-Стигнавме до 0,38 проценти како максимален износ од буџетот кој што се одвојуваше за судството, рече Џолев.

Според него, само со вложување во кадар, дигитализација и опрема може да се обезбеди ажурно и ефикасно судство во кое граѓаните ќе имаат доверба.

– Доколку сакате да имате ефикасно судство. Ако имате зголемен број на судски предмети што упатува на тоа дека државата има системи кои што функционираат, вие мора да овозоможите на судството кадри, човечки и материјални ресурси, опрема за да може да бидеме ефикасни, ажурни и граѓаните да бидат задоволни, порача Џолев.

На новинарско прашање, Џолев не го коментираше случајот со претседателката на ДКСК, Татјана Димитровска.

-Тоа е нешто што е актуелно и допрва ќе следува разрешница, посочи оретседателот на Здружението на судии, Иван Џолев.

Back to top button
Close