Истражување: Човековиот и индустрискиот отпад се претвораат во карпи многу побрзо од природните материјали

Индустрискиот отпад се претвора во карпи во период од десетлетија – многу побрзо од милионите години коишто, се смета, се потребни за природно создавање карпа, посочува ново истражување објавено во научното списание „Џиолоџи“ (Geology).

Алуминиумска конзерва за пијалак направена по 1989. и монета од 1934 година пронајдени во карпа на брегот на Кумбрија (еверозападна Англија), се меѓу предметите што им помогнаа на научниците да осознаат колку брзо се случува процесот. Истражувачите, се наведува, забележале нов „брз антропокластичен циклус на карпите“, којшто ги имитира природните промени во карпите, но вклучува човекови влијанија во забрзани временски рамки.

Научниците предупредуваат дека брзиот и непланиран развој на карпите околу индустриските депонии за отпад може да има негативно влијание врз разновидноста на живиот свет и екосистемите, како и врз планирањето на користењето на земјиштето и управувањето со крајбрежјето.

Цел на испитувањата била депонија во западна Кумбрија, каде што се наоѓале леарници за железо и челик во текот на 19. и 20. век. Наслагите обликувале карпи од отпадниот материјал еродиран од крајбрежните бранови и плимата, коешто оставило „интригантни неправилни форми“ во карпите, се вели.

– Веќе неколку стотици години се знае за циклусот на карпите како природен процес што трае од илјадници до милиони години… Тука откривме дека овие материјали направени од човекот се сраснати во природните системи и се литифицираат – т.е. се претвораат во карпи, во период од неколку десетлетија, изјави Аманда Овен од Факултетот за географски науки при Универзитетот на Глазгов и една од авторите на истражувањето.

Лабораториските тестови им помогнале на истражувачите да утврдат дека материјалите од отпадот содржат наслаги од калциум, железо, магнезиум и манган.

– Пронајдовме и монета (со ликот) на кралот Џорџ Петти од 1934 година и алуминиумска конзерва со дизајн којшто не можел да биде произведен пред 1989, вградени во материјалот. Тоа ни дава максимален временски период од 35 години за оваа карпеста формација, што е во рамките на еден човечки животен век, додаде Џон Мекдоналд, соавтор на испитувањата.

Овие елементи се хемиски високореактивни, што е клучно за забрзаниот процес на создавањето карпи. Кога тој отпад е еродиран од морето, изложен на морската вода и воздухот, се случуваат хемиски реакции по коишто создава калцит, гетит, бруцит и други каменести форми.

Овие карпи се истите создадени од „природни материјали“, но хемиските реакции во процесот со „неприродните материјали“ предизвикуваат сѐ тоа да се одвива многу побрзо.

Научниците предупредија дека процесот може да има влијание врз животната средина и најавија дека се потребни повеќе истражувања во иднина.

Back to top button
Close