Раскол и во Собрaнието: Вреди прави пратеничка група без пратениците на Таравари?
Беким Ќоку ќе биде новиот координатор на пратеничката група на Вреди со која досега раководеше Халил Снопче од Алијанса за Албанците на Арбен Таравари, вели за „Слободен печат“ висок функционер на Вреди. Со тоа расколот во Вреди веќе се рефлектира и во Собранието и очекувањата се дека ќе се формира нова пратеничка група на АА на Таравари.
Расколот кој до сега беше видлив само по социјални мрежи и медиуми, сега се прелева и во Собрание, а за состојбата во Владата ќе видиме по средбата Мицкоски-Таравари, која до овој момент не е познато кога ќе се одржи, но од Владата најавија дека ќе биде по 1 Мај.
Засега нема информација кога Вреди и формално ќе го извести претседателот на Собранието Африм Гаши за промена на шефот на пратеничката група. Ќоку е независен пратеник од Самоопределување кој на изборите настапи со коалицијата Вреди, а по расколот остана во друшто на Изет Меџити, Билал Касами и Зеќирија Ибрахими.
Актуелниот координатор на Вреди, Снопче, вели дека тој уште е шеф на пратеничката група на Вреди и дека за каква било промена чекаат потег од доскорешните партнери на коалицијата.
Промената на координаторот на пратеничката група на Вреди следи откако вчера коалицијата најави мораториум на сите јавни политички активности на партиите што ја сочинуваат и соопшти дека отсега ќе делува како еден политички субјект, односно како партија. Претседателството што ја одржа првата средба е првиот заеднички орган на партијата Вреди. Според најавата на Касами, на следните средби ќе бидат конституирани и другите органи на раководството.
Според Снопче, предвремени парламентарни избори ќе бидат неизбежни ако тие излезат од Владата, бидејќи со само девет пратеници Албанци, мнозинството не ќе може да функционира.
– Без Албанци нема Влада. Ако одиме во опозиција, како мислите дека ќе функционира Владата ако нема нови Албанци во неа? Со девет пратеници Владата не може да функционира. Мора да се одржат предвремени избори, без оглед на тоа што јас или кој било друг ќе каже – вели Снопче за „Лајм“.
Коалицијата Вреди брои 14 пратеници. Откако ќе се официјализира барањето за нов координатор на Вреди, пратеничката група ќе брои девет пратеници, додека Алијанса за Албанците ќе има пет пратеници.
Извор: Слободен печат