ЕПП усвои резолуција: Доколку ЕУ и другите институции не интервенираат изборите и демократијата во Албанија се загрозени
Европските народни партии (ЕПП), на Конгресот во Валенсија, Шпанија, денеска усвоија резолуција во која остро се реагира и се алармира за изборни манипулации, заробување на државата и колапс на демократските стандарди во Албанија од страна на владата на Еди Рама – особено во пресрет на изборите на 11 мај 2025 година, објави Ора њуз.
Во резолуцијата како клучни загрижености се истакнуваат: купување гласови преку кеш и приходи од канабис, злоупотреба на јавни ресурси и тендери во предизборниот период, изборно регрутирање и фаворизирање на поддржувачите на Социјалистичката партија, незаконско назначување на привремениот градоначалник на Тирана по апсењето на Ерион Велиај, угнетување на опозицијата и ограничување на медиумите, кривично гонење и притисок врз лидерите и кандидатите на опозицијата, нееднаквост во пристапот до медиумите и концентрација на сопственоста на медиумите во корист на владата.
Забраната на ТикТок пред изборите, се оценува како „закана за слободата на изразување и дигиталните права“.
Исто така загриженост има и „за заробување на правдата и неказнивост, политички заробени институции, кои не гарантираат независност, неказнет изборен криминал, сомнителни врски меѓу политичките актери и криминалните мрежи, особено во полицијата и правосудниот систем“.
Во резолуцијата, се повикуваат ЕУ, ОБСЕ и Советот на Европа да побараат престанок на купувањето гласови и злоупотреба на јавни средства, испраќање дополнителни набљудувачи во општините со висок ризик, јавно документирање и осуда на изборните прекршувања и спроведување на условни механизми во процесот на интеграција во ЕУ доколку продолжат прекршувањата“.
На дводневниот конгрес на ЕПП учествува делегација на Демократската партија, предводена од лидерот Сали Бериша, кој на маргините на Конгресот имаше голем број средби, по кои изрази задоволство од поддршката, додавајќи дека „единствено ДП е партија која може Албанија да ја однесе во ЕУ“.