Ахмети: Ако Бектеши се најде на обвинителна клупа, ДУИ излегува на улица и нема враќање
Ако екс-министерот за економија Крешник Бектеши биде обвинет за катастрофалниот пожар во импровизираната дискотека „Пулс“ во Кочани, Демократската унија за интеграција ќе излезе на улица и ќе го поддржи семејствата на загинатите, изјави лидерот на партијата Али Ахмети за ТВ 24.
Ахмети го нарекува евентуалното обвинување политички прогон и најавува дека протестите ќе продолжат сè додека не се обезбеди неселективна правда и не се распишат предвремени парламентарни избори.
„Ако Али Ахмети излезе на улица, враќање нема. Ќе ги поддржиме и барањата и протестите на семејствата на загинатите деца. Тој процес може да заврши само со предвремени парламентарни избори“, порача Ахмети, додавајќи дека ДУИ ќе бара ветинг за сите функционери од осамостојувањето до денес – вклучително и судии, обвинители, и испитување на потеклото на имот.
Ахмети откри и дека премиерот Христијан Мицкоски пред 100 дена му понудил предвремени парламентарни избори заедно со локалните, но подоцна се премислил. Сепак, Ахмети не го смета прашањето за затворено и не исклучува натамошни разговори со Мицкоски.
Во контекст на локалните избори, Ахмети потврди дека имал три средби со Арбен Таравари, но засега не е прецизирана формата на соработката. Не ја исклучи ниту можноста за соработка со СДСМ, особено доколку се одлучи да се трча на двојни избори наесен. Одлуките, како што рече, ќе ги донесат највисоките партиски органи на ДУИ во рок од една недела.