Либан го предупреди Хамас да не ја загрозува националната безбедност со операции на негова територија
Либан ја предупреди палестинската милитантна група Хамас да не врши операции кои би можеле да ги загрозат безбедноста и суверенитетот на оваа земја, соопшти денеска Високиот совет за одбрана на Либан.
Генералниот секретар на Високиот совет за одбрана, Мохамад ал-Мустафа, изјави дека Советот ќе и препорача на либанската Влада серија од одлуки, вклучително и предупредување до Хамас да не ја користи либанската територија за извршување на какви било активности што ја загрозуваат националната безбедност на Либан, јавија британските медиуми.
Либанскиот претседател Џозеф Аун, кој претходно беше началник на армијата, вети дека ќе го стави целото оружје во земјата под државна контрола.
-Претседателот го нагласи одбивањето на Либан да биде вовлечен во регионални конфликти, нагласувајќи ја важноста на палестинските права, но без да се загрози либанската стабилност, изјави Мустафа за новинарите по седницата на Советот.
Тој, исто така, ја истакна потребата да се предаде нелегалното оружје и да се спречи Хамас или која било друга фракција да ја загрозува националната безбедност и стабилност на Либан, се наведува во соопштението на Советот