Ниту една фирма не сака да оценува вести за Владата, објавен втор оглас за прес-клипинг

Службата за општи и заеднички работи на Владата ја поништи постапката за набавка на софтвер за оцена на медиумското влијание и за конверзија на говор во текст на македонски јазик „on premise deployment“, објави „Мета“.

Причината, како што е наведено во известувањето за поништување објавено на Порталот за јавни набавки, е поради тоа што не била поднесена ниту една понуда или ниту една прифатлива понуда за набавката​.

Со огласот (бр. 03756/2025), објавен на 5 март 2025 година, Владата бараше компанија што ќе изработи сеопфатен софтвер кој ќе врши мониторинг на медиумите – електронски, печатени, онлајн и објави на социјалните мрежи – и ќе ги оценува содржините како позитивни, негативни или неутрални. Дополнително, се бараше и дневен извештај до 9 часот следниот ден со детални податоци за медиумските објави, вклучително и име на медиумот, авторот, содржина и линк до оригиналниот извор​.

Планираниот систем требаше да биде опремен со вештачка интелигенција, да биде достапен преку мобилна апликација, како и да функционира и offline за делот со транскрипција на говор во текст. Софтверот, според техничката спецификација, беше наменет за потребите на околу 30 државни институции и политички органи.

На страницата на Бирото за јавни набавки е објавено дека тендерот пропаднал бидејќи не се пријавила ниедна фирма. Службата за општи и заеднички работи на Владата објави нов, втор тендер за прес-клипинг со истите услови како во претходниот тендер. Новиот тендер е објавен на 25 април, а отворен е до 27 мај, до кога треба да се поднесат понудите, пренесе СДК.мк

Back to top button
Close