Избори во Романија: Дали ќе победи десен екстремист?

Во романската јавност моментално како да не постои чувство оти се работи за судбоносни денови за земјата. Расположението е повеќе мешавина од заситеност и исцрпеност. Земјата, пак, се наоѓа на крстопат.
Во недела (4 мај 2025 година) ќе се одржат едни од најважните избори во посткомунистичката романска историја – оние претседателски избори коишто мора да се повторат откако беа поништени на крајот од минатата година. Претседателот во Романија има малку внатрешнополитички овластувања, но има одредени во надворешната политика и е влијателен во земјата. За првпат по падот на национал-сталинистичката диктатура на Чаушеску во декември 1989 година, десничарски екстремист е фаворит за функцијата престедател – имено поранешниот фудбалски хулиган Џорџ Симион. Неговиот главен противкандидат, Крин Антонеску, пак, ја претставува децениската беда на романската демократија.
Ова се избори на кои само едно е сигурно: без разлика каков ќе биде исходот, на најнаселената земја во Југоисточна Европа, која е воедно и најважниот партнер на ЕУ и НАТО во регионот, ѝ претстои многу неизвесна и тешка иднина. И тоа во ситуација во која Романија руската војна против Украина ја доживува поблиску од која било друга земја од ЕУ – како членка со најдолга граница со Украина, преку ракети што постојано ја надлетуваат територијата и беспилотни летала „Шахед“ што се уриваат во делтата на Дунав, како и преку честите руски провокации во Црно Море.
Симулирана демократија
Приказната за тоа како дојде до констелацијата за сегашните претседателски избори се чини половина случајна, половина неизбежна. Во ноември 2024 година, политичкиот шарлатан Калин Георгеску изненадувачки победи во првиот круг од тогашните претседателски избори. Тој е езотеричар, теоретичар на заговор, проруски десничарски екстремист и апологетик на христијанско ортодоксниот легионерски фашизам во меѓувоена Романија. Важен придонес имаше неговото вешто користење на социјалните медиуми, особено на ТикТок, во општество кое во голема мера е исклучено од вообичаената медиумска јавност.

Подлабоката причина сепак беше фрустрацијата на романското општество од приликите во земјата. Романската демократија во голема мера е симулирана форма без содржина. Во земјата со децении доминираат политички групи кои меѓусебно си ги делат ресурсите, ја опслужуваат својата клиентела, го контролираат судството и другите државни институции и спречуваат какво било одговорно и кон иднината ориентирано, одржливо управување со државата.
Нема „Романија со добро сработени нешта“
Од една страна се посткомунистичките Социјалдемократи (ПСД) – на кои заедничко им е само името – кои всушност настапуваат како националистички традиционалисти. Од друга страна се Националните либерали, кои речиси и да немаат никаква врска со класичниот политички и економски либерализам. Трета е партијата на унгарското малцинство, која дегенерираше во привезок на унгарскиот премиер Виктор Орбан во Романија. Трите сили долго време управуваат со земјата во променливи констелации. По парламентарните избори во декември 2024 година, тие формираа трипартитна коалиција.
Исклучително негативна улога одигра и поранешниот претседател Клаус Јоханис, кој беше на функцијата од 2014 и си поднесе оставка во февруари 2025 година. Тој своевремено дојде на власт како политичар кој ветуваше далекусежни реформи за земјата и „Романија со добро сработени нешта“. Но, потоа десет години се повлече во претседателската палата во главниот град Букурешт, во суштина видлив за јавноста само за време на скапите патувања и дискутабилни настани, како што е отворањето на голф терен за време на пандемијата на коронавирусот.

Исклучен од изборите
Откако „демонтерот на системот“ Георгеску победи во првиот круг од претседателските избори во ноември 2024 година, Уставниот суд ги поништи изборните резултати со образложение за нелегално финансирање на кампањата и мешање од странство во корист на Георгеску – веројатно од Русија – иако реално беше докажано само кривичното дело за нелегално финансирање на кампањата. Георгеску подоцна, во март 2025 година, беше комплетно исклучен од кандидатура за презакажаните избори.
На негово место дојде Џорџ Симион, најпознатиот десничарски екстремист во Романија. 38-годишникот ја започна својата политичка кариера со фудбалските хулигани од Букурешт, подоцна се најде на насловните страници со насилни дејствија против унгарското малцинство во Романија и во 2019-тата ја основаше партијата Алијанса за обединување на Романците, која се залага за Голема Романија која ги вклучува Република Молдавија и делови од Украина.
На парламентарните избори во ноември 2024 година, партијата стана втора по јачина сила со 18 проценти освоени гласови. Заедно со уште две други партии, крајно десниот табор има околу 35 проценти од местата во парламентот.
Врски со Русија
Симион во изминатите години паѓаше в очи со исклучително агресивното однесување и физичко насилство во парламентот. Во февруари 2022 година, тој физички нападна министер на говорницата. Во декември 2023 година, на поранешна сопартијка во пленарната сала ѝ довикна: „Ќе те нападнам сексуално, свињо едно!“ Неговите клипови на ТикТок и Фејсбук претежно се со типичниот насилен јазик на романските улични криминалци. Има сомнежи дека Симион одржува врски со руската тајна служба и со руските ултранационалисти, меѓу кои и идеологот на руско-евроазискиот фашизам, Александар Дугин. Во Украина и во Република Молдавија за него важи забрана за влез. Во актуелната изборна кампања, Симион настапува многу посмирено со цел да биде поприфатлив за поширокиот дел од населението. Тој се позиционира како поддржувач на Трамп и како „спасител на романската демократија“.

Во повеќето анкети Симион има над 30 проценти. Анкетите во Романија сепак не се многу сигурен показател бидејќи често се користат како средство за политичка пропаганда, а многу институти за истражување на јавното мислење не работат независно.
Човек од минатото
Второ место во анкетите си делат поранешниот национално-либерален политичар Крин Антонеску (65) и градоначалникот на Букурешт, Никусор Дан (55), при што Антонеску малку води пред Дан. Антонеску е заедничкиот кандидат на владејачката трипартитна коалиција.
Тој беше централна политичка фигура во државната криза од 2012 година, во која се работеше за тоа да се заслабне борбата против корупцијата. „Човекот од минатото кој сака да ја придвижи Романија напред“ иронично го нарекуваат некои медиуми, алудирајќи на името на неговата изборна коалиција „Романија напред“. Притоа, Антонеску во преден план го претставува минатото со клиентелизам и корупција.
Математичар на градоначалничка функција
Романија де факто би можела да напредува преку градоначалникот на Букурешт, Никусор Дан, прогресивно-либерален, моментално непартиски политичар, кој се прослави како активист против мафијата со недвижности во Букурешт и кој е коосновач на зелено-либералната протестна партија „Сојуз за спасување на Романија“. Дан е математичар и важи за чесен, некорумпиран, но и за не многу успешен во својата улога како градоначалник, бидејќи стои сам против моќен апарат. За разлика од Антонеску, тој се залага за безусловна поддршка за Украина.

Дан зборува смирено и сталожено и важи за разумен, рационален политичар, кој избегнува конфликти и аналитички им пристапува на проблемите и се стреми кон долгорочни решенија. Тој важи и за народен човек и навистина беше близок до народот и тоа во пракса го покажа отворајќи го за широката јавност главниот влез во седиштето на градоначалникот на Букурешт, кој беше затворен со децении и го отвораа само за одредени церемонии.
Либералната кандидатка Елена Ласкони, која на поништените избори минатиот ноември изненадувачки заврши на второ место, овојпат нема шанси. Таа сега ја изгуби поддршката од нејзината партија УСР, која застана зад Никусор Дан.
Изборите в недела најверојатно нема да бидат одлучени во првиот круг бидејќи за тоа е потребно апсолутно мнозинство, што веројатно нема да го постигне ниту еден кандидат. Според тоа, вториот круг на изборите ќе се одржи на 18 мај 2025 година. (dw.com)