Срна е причината за тешката сообраќајка во Хрватска

Денес околу 3 часот наутро, на автопатот А3 Посавска Автоцеста, кој поминува низ регионот Славонија во источна Хрватска, се судрија двокатен патнички автобус со босанска регистарска табличка и автомобил, исто така со босанска регистарска табличка, објави ХРТ.
Две лица загинаа на самото место, а 31 повредено лице се хоспитализирани во главниот град Загреб и блиските градови Сисак и Пакрац. Петмина од повредените се во тешка состојба и ќе бидат оперирани.
Командантот на противпожарната служба на Сисачко-Мославинската жупанија, Мирослав Голуб изјави дека причина за несреќата е срна која одеднаш скокнала на автопатот.
„Автомобилот се судрил со срна која излетала на автопатот. Не е познато дали ја пробила заштитната ограда или само скокнала преку неа. Возачот очигледно не можел да го помести автомобилот после тоа, но излегол на патот и им мавнал на другите возачи да ја намалат брзината и да застанат“, забележал тој.
Според него, автобусот не можел да застане и се судрил со запрениот автомобил, ја преминал заштитната ограда и застанал на спротивната лента.