„Штетата е направена“ – Трошановски за ограничените шанси на Македонија во преговорите со ЕУ
Во моментот кога македонската влада се соочува со ограничен маневарски простор во однос на преговарачката рамка со Европската Унија, претседателот на Институтот за демократија „Социетас цивилис“, Марко Трошановски во интервју за Радио Слободна Европа, предупредува дека промената на самата рамка е речиси невозможна – но затоа е клучно, вели тој, да се промени сценариото на нејзината имплементација.
„Штетата е направена неповратно кога се испреговара и прифати таа преговарачка рамка. Тоа е прво и мора да се каже и да го имаме на ум. Сега е многу тешко, ставени сме во безизлезна ситуација и со многу скусен маневарски простор – мали сме, со мал дипломатски капитал и без значајно геостратешко значење на земјата“, вели Трошановски.

Во оваа рамка, како посебно проблематичен дел ја посочува улогата на историската комисија, која според него функционира без деловник, под политички притисок, и со темпо кое не одговара на чувствителноста на историските прашања. Решението го гледа во инсистирање на нови услови за нејзина работа, засновани на европски стандарди.
„Тука треба да бараме како држава. Има разбирање кај европските земји членки се поголемо и поголемо дека европските стандарди на преговарање треба да бидат оние под кои ќе разговара историските комисии како што тоа го прават Германија и Полска, Германија и Франција.“, изјави Трошановски.
Паралелно, тој смета дека во фокус треба да биде и Акцискиот план за заштита на малцинствата, кој треба да се заснова на јасни и мерливи критериуми, а не на паушални обвинувања како оние за говор на омраза базирани на „илјадници постови на Фејсбук“.

Во однос на политичката култура во земјава, вели дека иако има напредок во тонот на дебатата по трагедиите кои ги сплотија партиите, сепак, се уште се чувствува етничка поделеност и недостаток на конструктивна дебата, особено од страна на опозицијата.
„Опозицијата е отсутна целосно, мислам дека многу повеќе треба да е насочена кон предлози кои даваат и се конструктивна критика на политиките. Мислам дека нивниот комуникациски центар многу поактивно да разработува она што се нарекува Влада во сенка, за секој ресор на ВМРО, опизицијата да има конкретен човек кој што би бил лице на опозициската алтернатива понуда на политиките од тој домен и ресор“, рече Трошановски.
На прашањето за комуникацијата на актуелната власт со граѓаните, Трошановски вели дека ВМРО-ДПМНЕ, како и во минатото, вложува многу во политичка комуникација и го прави тоа конзистентно, но засега без злоупотреба на медиумите како во минатото.
……..
Повеќе (mk.tv21.tv)