Рама: На 11 мај Албанците на средба со историјата, ќе се одреди силата на Албанија во преговарачкиот процес со ЕУ
Албанскиот премиер и лидер на Социјалистичката партија, Еди Рама, изјави дека на 11 мај Албанците ќе одат на средба со историјата за да се утврди силата на Албанија во преговарачкиот процес со ЕУ.
-На 11 мај Албанците нема едноставно да гласаат за следните 4 години во однос на тоа која партија што ќе прави, туку ќе одат на средба со историјата, за да се утврди моќта што Албанија ќе ја има во соочувањето со најпредизвикувачкиот процес досега за албанската држава, а тоа е преговарачкиот процес со ЕУ, за кој имаме рок, крајот на 2027 година, изјави Рама за А2 Си-Ен-ен.
За првпат, нагласи Рама, „од падот на комунизмот ЕУ ни ја отвори вратата и ни понуди заеднички да ги затвориме преговорите и да станеме членка на ЕУ“.
-Вратата е отворена, но не смееме да дозволиме да се затвори и 11 мај игра важна улога во тоа. Албанците мислат дека државата оди во добар правец и како што покажуваат анкетите, масовно ќе гласаат за Социјалистичката партија, рече Рама.
Нагласи дека „исклучувањето од минатото и особено исклучувањето од нашето минато, како земја и како народ не е момент, тоа е процес и всушност синџирите од минатото беа многу долги кога ја презедовме функцијата и денес останува уште една последна алка да се прекине и со влезот на Албанија во ЕУ минатото конечно е минато, а иднината станува денес“.
Во Албанија на 11 мај ќе се одржат 11. парламентарни избори по падот на комунизмот. Рама се бори за четврт последователен мандат а неговиот противник демократот Сали Бериша за враќање на власт.