Во Битола отворена Спомен куќа во која престојувал Гоце Делчев

Во Битола вечерва отворена е Спомен куќата во која во 1901 година престојувал македонскиот револуционер, великан на Македонското ослободително движење, Гоце Делчев.

Куќата некогашна сопственост на Михаил Ракиџиев, во тоа време член на Окружниот комитет на Битолскиот револуционерен округ,  има три простории кои целосно се обновени и реконструирани.

-Куќата, Музеј посветен на Гоце Делчев од денеска повторно е отворена за јавноста. Во куќата секој посетител која може да погледне оригинални документи и артефакти. Внатрешноста на куќата е целосно реновирана со нов лик на музејската поставка. Станува збор за три простории во кои се  изложени документи, текстови и изјави од периодот пред востанието, а во една просторија има восочна фигура на Гоце Делчев кој е покрај работната маса. Во куќата од оваа вечер ќе биде изложена и уметничка слика со портрет на Гоце Делчев, изработена од битолскиот ликовен уметник Борислав Траиковски, подарок од семејството Главинче. Естетски и визуелно Музејот е значително подобар и побогат, целосно нов и отворен за јавноста која почнува од утре со посета на ученици, истакна Зоран Николовски, директор на НУ Завод и Музеј-Битола.

Спомен куќата и музеј посветен на Гоце Делчев, прв пат беше отворена на 4 мај 1988 година, а меѓу значајните експонати е и револверот на Делчев подарен на семејството Ракиџиеви, потоа Споменица на М. Ракиџиев од 1903 година, Правилник за четите на ТМРО, мапи и други материјали кои се очекува да бидат нова туристичка атракција за посетители од државата и странство во Битола.

Реконструкцијата на Спомен куќата, музеј посветен на Гоце Делчев ја изврши тим на НУ Завод и Музеј-Битола предводен од  кустос, м-р Филип Талевски, за што јавна благодарност за ангажманот истакна градоначалникот Тони Коњановски. Вечерашниот промотивен настан беше заокружен со уметничка програма во изведба на членовите на КУД  „Гоце Делчев“ од Битола.

Back to top button
Close