Евроскептикот и лидер на крајната десница, Џорџе Симион победи во првиот круг од претседателските избори во Романија

38-годишниот Симион се спротивставува на воената помош за соседна Украина, го критикува раководството на ЕУ и вели дека е поврзан со движењето „Направи ја Америка повторно голема“ на американскиот претседател Доналд Трамп.

Џорџе Симион, избори во Романија / EPA-EFE/ROBERT GHEMENT

Лидерот на екстремната десница Џорџе Симион, и градоначалникот на Букурешт, Никушор Дан, ќе се соочат во вториот круг од претседателските избори во Романија на 18 мај, објавија локалните медиуми, повикувајќи се на податоци од Централната изборна комисија.

Џорџе Симион освои околу 40 проценти од гласовите, додека Никушор Дан освои 21 процент, според резултатите од првиот круг по пребројувањето на 99,99 проценти од гласачките ливчиња.

Симион, кој е претседател на Алијансата за обединување на Романците, доби 3.856.981 гласови, а за градоначалникот на Букурешт гласаа 1.976.926 граѓани.

Никушор Дан, прогресивно-либерален независен политичар, по бројот на гласови го надмина Кристијан Антонеску, кандидатот на владејачката коалиција.

Ваквиот резултат во корист на Симион беше очекуван со оглед дека уште во првите излезни анкети тој ја доби поддршката од речиси една третина од романските гласачи.

„Ова не е само изборна победа, туку победа за романското достоинство. Тоа е победа за оние кои не ја изгубиле надежта, оние кои сè уште веруваат во Романија, слободна, почитувана и суверена земја“, порача Симион.

38-годишниот Симион се спротивставува на воената помош за соседна Украина, го критикува раководството на ЕУ и вели дека е поврзан со движењето „Направи ја Америка повторно голема“ на американскиот претседател Доналд Трамп.

Од друга страна, Никушор Дан се залага за безусловна поддршка за Украина и се смета за чесен и некорумпиран политичар, но често е критикуван за неговите ограничени резултати како градоначалник на Букурешт, каде што сам се бори против влијателниот административен апарат.

Back to top button
Close