БРИСЕЛ – Европската унија планира да предложи мерки со кои целосно ќе се забрани увозот на руски гас до крајот на 2027 година.
Оваа информација ја објави „Блумберг“, осврнувајќи се на нацрт-предлогот што Европската комисија треба да го презентира во Стразбур.
Европската комисија планира да го направи првиот чекор во јуни и да ги забрани сите нови договори за увоз на руски гас, како и постојните спот аранжмани, кои, според проценките, сочинуваат околу една третина од тековниот увоз на гас од Русија, а оваа мерка би стапила во сила најдоцна до крајот на 2025 година.
Забраната би се однесувала не само на нови договори, туку и на постојните долгорочни договори, чие раскинување е правно комплицирано бидејќи ги обврзува клиентите да плаќаат за бензин дури и кога не го користат.
Крајниот рок за целосна забрана е крајот на 2027 година, а таа цел е условена од способноста на ЕУ да обезбеди алтернативни извори на течен природен гас, првенствено од СAД, Катар, Канада и Африка.
Преговорите со администрацијата на претседателот Доналд Трамп за повеќе испораки на американски течен природен гас се дел од поширок трговски пакет, се вели во истиот извештај.
Уделот на рускиот гас во вкупниот увоз на тој енергенс во Европската унија падна од повеќе од 40 проценти пред војната во Украина на околу 19 проценти минатата година, но целосното прекинување на увозот од Русија е се уште тешко да се спроведе, додава Блумберг.
Посебен предизвик е растот на испораките на течен природен гас (LNG) од Русија, кои, откако „Гаспром“ драстично го намали протокот низ гасоводите, достигнаа рекордни нивоа.