Кажи само па ќе те обесат на плоштад!  

Дали се работи за грижа за напредокот на државата или за страв дека ќе секнат парите од европските фондови? Како и да е, гледам на телевизија како нашите „платени демократи“ од невладиниот сектор, се обидуваат да ја оживеат темата за преговори со ЕУ во која, колку до вчера, пукаа со тешка артилерија. Јавајќи на националистичкиот предизборен бран на новата влада, „невладините“ свртеа грб дури и на своите финансиери меѓу кои се ЕУ и,претпоставувам, УСАИД и на нивниот „француски предлог“.

На нивните тркалезните маси немаше дијалог на мислења, па не забележав учество на оние кои ја поддржуваа политиката на претходната влада. Со тоа, ги корумпираа не само демократските вредности за чие промовирање се платени, туку и средствата кои им ги даваше Западот за остварување на нивната прва задача: промоција на либералната демократија која почива врз дијалог.

Ја закопаа „бугарската тема“, за сега да нè информираат не е можна промена на преговарачката рамка и дека „некој таму“ мора да се соочи со таа свирепа реалност. Кој: власта, опозицијата? А тие? Тие , да нема забуна, јавно се оградуваат и денес дека се против Преспанскиот договор, Договорот со Бугaрија и „Францускиот предлог“. Но, сега сме биле немоќни: штетата била направена неповратно и сега мораме да се вратиме на патот зацртан од 27 држави на ЕУ и нивната Преговарачка рамка. Каква невистина. Никаква неповратна штета не е направена, освен онаа дека не преговараме, за што е одговорна новата власт и челниците на спомнатите организации. Политиката на претходната влада изгуби на избори и сега имаме нова политика. Ние сме суверена држава и можеме да носиме каква што сакаме одлука во нашиот парламент. Можеме, како суверена држава, да изгласаме проект за изградба на нуклеарно оружје , ако сакаме, а не пак да излеземе од некаква европска преговарачка рамка. Се разбира, како што гледаме и со „преговарачкото искуство“ одлуките имаат и свои последици.

Значи, повикот некој друг да ја превземе одговорноста за одлуки кои, сега е барем очигледно, сме требале да ги донесеме многу порано е залуден. Кога повикот доаѓа од луѓе кои и денес отфрлаат секаква одговорност од себе, тој е многу тажен. Кој луд, поединец или партија, се спремни да се изложат на нова канонада на националистички напади? Кој сака да биде наречен предавник? Затоа, од оваа наша политичка епизода треба да научиме една важна лекција: за правото на слободен говор вистински да функционира во Македонија, потребно е да се создадат услови за толерантен дијалог полн со уважување на другото мислење, една од првите задачи на нашите невладини организации. Ако со земјата владее логиката „Кажи само па ќе те обесат на плоштад!“,тогаш нема слободен говор. Има само опортунизам кај оние што сакаат нешто да ќарат и страв кај оние што сакаат да го кажат своето искрено мислење.

Денко Малески

Back to top button
Close