Соло играта на Таравари оди кон расплет или заплет?
Неизвесно е дали премиерот Христијан Мицкоски ќе добие јасен одговор од неговиот колициски партнер Арбен Таравари – дали тој има договор за изборни планови со ДУИ, или неговиот соговорник ќе купува време и ќе го каже она што и досега го изјавуваше – дека нема таков договор.
„На таа средба јасно сакам да слушнам став којшто и медиумите ќе го слушнат – дали е точно дека има договор меѓу партијата на господинот Арбен Таравари и Демократската унија за интеграција, дека во најмалку 5 или 6 општини каде што тој ќе извади свои кандидати, ДУИ нема да извади свои кандидати за градоначалници, што прво значи себепонижување како политичка партија, а второ – дека тивко ќе го поддржува. Тоа за мене е неприфатливо како претседател на Владата“, изјави вчера премиерот.
Оваа изјава на Мицкоски резултираше со реакција од Мала Речица.
„Неговата последна изјава – каде што јавно сугерира со кого треба да коалицира Арбен Таравари – е опасен и неприфатлив обид за реконфигурирање на политичката волја на албанските гласачи. Ова е црвена линија што никогаш порано не е премината – и што нема да биде дозволено да се премине ниту сега“, реагираа од ДУИ.
Според интегративците, Мицкоски „нема ни морален ни политички легитимитет да го дизајнира политичкото претставување на Албанците“.
„Албанското политичко претставување произлегува исклучиво од волјата на албанските граѓани – на автентичен, достоинствен и слободен начин. Тоа не е предмет на пазарење, дизајн или политички инженеринг од страна на политичари кои ја прикриваат својата неспособност со омраза и кои се плашат од мултиетничноста, наместо да ја прифатат како вредност. Мицкоски не е и никогаш нема да биде тутор на политичката репрезентација на Албанците“, порачаа од ДУИ.
Кој е туторот?
Колку е искрена ДУИ кога вели дека албанското политичко претставување произлегува исклучиво од волјата на албанските граѓани? Али Ахмети, лидерот на партијата која над две децении беше во власта, не беше благонаклонет кога се формираа нови партии на Албанците. Не може да се изброи колку пати во изминатите години Ахмети лично ги квантифицираше потребите на Албанците за политичко претставување.
„На Албанците не им треба анархиски плурализам со многу партии“, порачуваше Ахмети во 2015 година.
Во наредните години и конкретно прецизираше колку партии им се доволни.
„На Албанците во Македонија не им се потребни повеќе од две политички партии, третата може да биде штетна. Две партии се доволни за застапување на Албанците, една во опозиција, една на власт“, порачуваше тој.
Кога му укажуваа дека никој не смее да го дозира, квантифицира и лимитира слободното здружување на Албанците во други партии, само за да го штити својот партиски монопол преку наративи за наводна заштита на албанските интереси, токму Ахмети во улога на тутор ги потсетуваше која партија е нивната голема мајка.
„ДУИ е навистина големата мајка што им вели – не се карајте, туку доаѓајте во вашата куќа, не стојте по улиците“, изјавуваше Ахмети во 2020 година.
Во корист на ДУИ
Дали Таравари е првиот што на крајот ќе заврши во орбитата на ДУИ, иако никогаш претходно не бил дел од „големата мајка“? Ако се гледаат макар и површните сигнали, Таравари има посредечни односи со Ахмети, отколку со досегашните партнери во ВЛЕН. Пред три дена Таравари се ракуваше со претседателот на ДУИ во селото Слупчанe, кога се најдоа во првиот ред по повод одбележување на 24-годишнината од почетокот на војната на ОВК. Но, еден ден подоцна, дури ни куртоазно не се ракуваше со коалициските партнери од ВЛЕН, иако сите беа присутни на официјалниот почеток на градежните работи на автопатот Тетово – Гостивар. Во таа пригода Таравари се ракуваше единствено со премиерот Христијан Мицкоски.
Претседателот на Алијанса за Албанците, вчера во статус на Фејсбук порача дека нивната партија работи само во интерес на народот.(dw)