Мицкоски убеден дека покажале како со општините се владее европски и скандинавски
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека ВМРО-ДПМНЕ на локално ниво покажало „европско, скандинавско управување со општините“, а истата практика, според него, се применува и на централно ниво.
„Во изминатата година на централно ниво покажуваме дека институциите во Македонија можат да се менаџираат без афери поврзани со криминал, корупција и злоупотреби. Тоа веќе четири години го докажуваме и на локално ниво“, рече Мицкоски, изразувајќи уверување во, како што ја нарече, „историски големата победа“ на локалните избори.
Тој потсети дека најголемиот број од актуелните градоначалници – 42 – доаѓаат од редовите на ВМРО-ДПМНЕ или нејзината коалиција, и додаде дека досега нема ниту едно основано сомневање за сторен криминал или корупција.
„Покажавме дека институциите и општините можат да се водат подобро од многу земји членки на Европската Унија“, изјави Мицкоски одговарајќи на новинарски прашања при посетата на Општина Штип.
На прашањето колку од актуелните градоначалници ќе добијат шанса за втор мандат, Мицкоски рече дека е рано за конкретни имиња, но најави дека до крајот на мај ќе бидат објавени 80 до 90 проценти од кандидатите.
„Ќе ги земеме предвид мерењата на јавното мислење. Очекувам во втората половина на мај, најдоцна до крајот на месецот, да излеземе со најголемиот дел од имињата. Се разбира, конечната одлука ќе ја донесат Извршниот и Централниот комитет, по внатрепартиска дебата“, додаде тој.