Коалицискиот договор меѓу Заев и Ахмети денеска пред највисоките партиски органи на СДСМ и ДУИ

Највиските партиски тела на СДСМ и на ДУИ денеска треба да го потврдат договорот за формирање владина коалиција што вчера го постигнаа лидерите на двете партии Зоран Заев и Али Ахмети.

СДСМ ќе одржи седница на Централниот одбор вечер во 20 часот, а претходно се очекува да се состанат и членовите на Извршниот одбор.

Лидерот на партијата и мандатар Заев вчера во изјава за медиумите по средбата со Ахмети најави дека за постигнатиот договор ќе реферира пред највисоките органи на партијата, а ќе ги информира и партнерите од коалицијата „Можеме“, како и ДПА, кои ќе бидат вклучени во владината коалиција. Дел од коалицијата „Можеме“ се партиите Беса, Либерално-демократската партија, ДОМ и други.

ДУИ веќе најави дека за 18:00 часот во Тетово е закажан состанок на Генералниот совет на партијата на кој ќе се разговара за изборите на 15 јули, а Ахмети ќе информира за договорот за коалицирање со СДСМ. По состанокот најавена е изјава на Ахмети.

Освен дека Талат Џафери останува претседател на Собранието, засега официјално не се откриваат персоналните решенија за министерските места.

Мнозинството во Парламентот, со гласање за избор на староновиот претседател, се очекува да биде потврдено најдоцна до петок. Џафери се уште не се изјаснил кога ќе го закаже продолжението на конститутивната седница.

Медиумите неофицијално пишуваат за договорените министерски позиции во новата влада, но најголем дел се однесуваат на партиите од албанскиот блок. Засега не се знае кога Заев ќе го објави  персоналниот состав на новата Влада. Тој вчера соопшти дека промени ќе има и дека во новата Влада ќе нема министри без ресор.

Back to top button
Close