Јовчевска-Михајловска: Верувам во капацитетот на нашите ученици и убедена сум дека можат да ја положат матурата без проблем
Државната матура не е новина во образовниот систем на Македонија. Таа се реализира веќе 15 години и претставува значаен елемент во мерењето на знаењето на матурантите. Во текот на годините, матурата минуваше низ различни фази, со периоди на подобри и послаби резултати, истакна директорката на Државниот испитен центар (ДИЦ) и член на Комисијата за образование при ВМРО-ДПМНЕ, Даниела Јовчевска-Михајловска во поткастот „ВМРО-ДПМНЕ зборува – УЖ“ на тема „Државна матура: Како до објективни резултати?“.
„Државната матура се организира во согласност со Законот за средно образование, Концепцијата за државна матура и Правилникот за организирање на државната матура. ДИЦ, во соработка со сите средни училишта, е подготвен за реализација на испитот кој започнува на 31 мај со првиот дел, додека вториот дел е закажан за 11 јуни“, изјави Јовчевска-Михајловска.
Таа нагласи дека образованието е темел на секое општество и затоа е од особена важност како се мери знаењето на учениците. Една од клучните цели на матурата е обезбедување објективност и еднакви можности за сите ученици, без влијание од надворешни фактори.
„За жал, во изминатите години се појавуваа случаи на препишување, користење мобилни телефони и споделување на прашања преку социјални мрежи. Затоа годинава се преземаат мерки за поголема просторна контрола, со цел спречување на нерегуларности и обезбедување реални резултати“, посочи директорката.
Јовчевска-Михајловска додаде дека целта е објективна, правична и квалитетна матура, при што секој ученик ќе има можност да го покаже она што реално го знае.
„Верувам во капацитетот на нашите ученици и сум убедена дека можат да ја положат матурата без проблем – со сопствено знаење, труд и искрен пристап“, заклучи таа.
Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ