Кој ќе ја замени Данела Арсовска? ВМРО-ДПМНЕ го тестира и Коце Трајановски, СДСМ бара натпартиски кандидат

Партиите активно бараат кандидати со кои ќе настапат на локалните избори. Во ВМРО-ДПМНЕ се уверени во победа за Град Скопје, а според изворите оттаму, поранешниот градоначалник Коце Трајановски високо котирал на внатрепартиските анкети за можен кандидат.

Па така, најверојатно и тој ќе се вклучи во трката за кандидатура, покрај актуелниот министер за локална самоуправа Златко Перински и градоначалникот на Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски. Го контактиравме Трајановски, но тој кусо ни одговори дека засега нема да ги коментира внатрепартиските прашања. Според изворите, до крајот на мај ќе бидат познати скоро 90 проценти од кандидатите на ВМРО-ДПМНЕ, а за името за Град Скопје ќе се почека, до јули или пак август.

Далеку од официјализирање на кандидат за Скопје се и социјалдемократите.

Таму во игра се професорот од Архитектонскиот факултет, Мишко Ралев, како е екс-директорот на Зоолошката градина, Ѓорѓи Галетановски. Сепак, според извори од СДСМ, ќе се почека до одлуката, зашто ќе се разгледуваат и можностите за настап со натпартиски кандидат во главниот град. Скоро сите актуелни градоначалници повторно ќе бидат кандидати, меѓу кои и Горан Герасимовски во Центар, но единствено се чека да биде решено кој ќе трча во Струмица, но и Дојран. Во Струмица, најголема поддршка кај членството имал Костадин Костадинов.

Допрва ќе се утврдува кандидатот за Кисела Вода, Аеродром, но и Карпош. Во Ѓорче Петров најверојатно тоа ќе биде поранешниот директор на претпријатието „Улици и патишта“, Костадин Ацевски, додека пак во Бутел поддршка ќе ја бара претходниот градоначалник Велимир Смилевски.

За локалните избори активно се подготвува и партијата на кумановскиот градоначалник Максим Димитриевски. Од Движењето ЗНАМ потврдија дека ќе настапат со самостојни советнички листи.

„Што се однесува до можната соработка со нашиот поголем партнер во Владата, ВМРО-ДПМНЕ, Централниот одбор веќе формираше тим за преговори, предводен од мене, како генерален секретар. Првите разговори се започнати и се разгледува моделот на заемна поддршка во делот на кандидатите за градоначалници, додека за советничките листи мој личен е став е дека ЗНАМ треба да настапи самостојни“, изјави Горан Минчев, Движење ЗНАМ.

Изборите се очекува да бидат закажани за првата половина на октомври.

Back to top button
Close