Што може да очекува Македонија од Јохан Вадефул
За првпат по 60 години, германска конзервативна политичка партија ЦДУ именува свој министер во ресорот надворешни работи. Вообичаено, тоа место во минатото секогаш им се препушташе на помалите коалициски партнери во владата.

Честа да ја прекине таа традиција му припадна на 62-годишниот Јохан Вадефул, правник и адвокат, кој е долгогодишен пратеник на ЦДУ во Бундестагот.
Вадефул се смета за одличен познавач на Балканот и на Македонија, а неговите врски со политичари од регионот датираат повеќе децении. Уште од првиот мандат во Бундестагот, во 2009 година, до денес, Вадефул членувал или ги предводел трите клучни надворешно-политички парламентарни комисии: за надворешни работи, за европски прашања и за одбрана. Притоа, речиси во целиот период еден од главните фокуси во неговата работа беше токму Македонија. Имено, освен членството во надворешно-политичките комисии Вадефул долги години беше и известувач за Македонија во пратеничката група на ЦДУ-ЦСУ во Бундестагот.
Активен за македонските прашања
Во архивата на Дојче Веле, пронајдовме повеќе изјави и интервјуа од последните децении во кои тој зборува за Македонија и за случувањата во земјата.
На пример, во 2011 година, во интервју за програмата на Дојче Веле, Вадефул ја критикуваше Грција поради врзувањето на членството на Македонија во ЕУ со спорот со името, и тогаш оцени дека тоа не е европско решение.
Една година подоцна, на 21-годишнина од независноста на Македонија, тогаш како известувач за Македонија на пратеничката група на ЦДУ-ЦСУ во Бундестагот, Вадефул оцени дека Македонија „останува успешната приказна.”
„Се радувам што Македонија доби своја држава и може да чекори по сопствениот пат кој е успешен”, ќе изјави тој во 2012 година.

Во 2018 година, непосредно по потпишувањето на Преспанскиот договор меѓу Македонија и Грција, Вадефул побара земјата веднаш да ги започне преговорите со ЕУ, и рече дека германската влада ја убедува и Франција да го поддржи тој процес.
Истата година, во октомври, Вадефул апелираше до ВМРО-ДПМНЕ, како сестринска партија на неговата ЦДУ, да ги поддржи уставните измени во парламентот.
„Познавам многу колеги од ВМРО-ДПМНЕ и често сум разговарал со нив. Единствени сме околу целта дека Македонија треба да биде примена во евроатлантската заедница”.
„Со години добро ја познавам политичката ситуација во Македонија и во целиот регион и се занимавам со тоа. Многу години се обидуваме да ѝ го отвориме патот на Македонија”, ќе изјави тогаш идниот германски министер за надворешни работи обидувајќи се да ги убеди своите колеги од Македонија да го поддржат Преспанскиот договор во парламентот.
Како голем поддржувач на проширувањето на ЕУ, Вадефул во јули 2022 година го поздрави и гласањето во македонскиот парламент со кое беше поддржан ткн. Француски предлог за надминување на спорот со Бугарија и почеток на пристапните преговори со ЕУ.
„Пратениците во парламентот на Северна Македонија покажаа зрелост. Тие гласаа за компромисен предлог на Французите, кој бара многу од нив. Но, тоа ги отвора вратите кон ЕУ”, порача тогаш пратеникот Вадефул.
Реформи пред проширување?
Тоа што Северна Македонија во меѓувреме не направи исчекор на патот кон ЕУ, ќе биде една од темите на агендата на новиот шеф на германската дипломатија, но веројатно нема да котира многу високо. Аналитичарите со кои разговараше ДВ во изминатиот период се сложни дека проширувањето на ЕУ нема да биде меѓу врвните приоритети на новата германска дипломатија.
Напротив, прогнозите се дека со оглед на случувањата во светот и глобалните превирања, многу поверојатно е дека целиот регион ќе остане во втор план. Посветеност и внимание од Германија ќе има, но, кога станува збор за ЕУ, Берлин многу повеќе ќе се фокусира на стабилизација и реформирање на Унијата.

„Новата влада во Берлин нема амбиција да се залага за забрзано проширување на ЕУ, а во моментов се фокусира на реформите и консолидацијата на ЕУ“, изјави за ДВ Ади Черимагиќ од Европската иницијатива за стабилност (ЕСИ).
Вадефул се смета за одличен познавач и на поширокиот регион на Балканот. Во една прилика, пред неколку години, тој со автомобил го обиколил целиот регион за, како што самиот рече, „од прва рака“ да се запознае со проблемите на луѓето што живеат таму. Последната посета на Вадефул на регионот беше на почетокот на април, кога тој беше во Белград на враќање од состанокот на парламентарното собрание на НАТО во Скопје.
Во новиот состав на германското МНР, како нов државен министер за Европа, друштво на Вадефул ќе му прави уште еден поранешен пратеник на ЦДУ, Гунтер Крихбаум. И тој важи за одличен познавач на Балканот и во минатото често беше вклучен во медијација за проблемите со кои се соочуваше Македонија. И двајцата имаат одлични контакти со највисоките функционери на нивната сестринска партија во Македонија- ВМРО-ДПМНЕ. Дали овие релации ќе го помрднат ЕУ процесот во земјата, веројатно повеќе ќе зависи од македонските политичари. Нивната шанса сега е во тоа што во Берлин ќе добијат соговорници кои добро ги познаваат овдешните политички прилики.
Извор: (dw.mk)