Дали Де Гол пред 66 години го предвидел пактот Трамп-Путин?

Радоста по завршувањето на Втората светска војна во Франција беше проследена со загриженост дека дел од победничките сили на долг рок би можеле да се здружат — на штета на Европа. Денес, некои повторно се присетуваат на ова сценарио.
Три месеци пред капитулацијата на германскиот Вермахт, во февруари 1945 година, американскиот претседател Френклин Д. Рузвелт, британскиот премиер Винстон Черчил и советскиот лидер Јосиф Сталин се состанаа на трилатералната конференција во Јалта. На овој состанок не присуствуваше водечката фигура на слободна Франција, Шарл де Гол.
За францускиот генерал, стратег и ослободител, Јалта стана траума. Неговата стравување беше дека Соединетите Американски Држави и Русија едноставно ќе го поделат светот, без Франција. Според парискиот експерт за де Гол, Морис Ваис, тоа било основата на „силен и длабок страв“ кај де Гол. Од тогаш, тој бил уверен дека „секогаш мора да се задржи недоверба кон двете суперсили“.
Голема скепса кон НАТО
Ова важи и за развојот на настаните по Втората светска војна. Иако де Гол во 1953 година се повлекува од првите редови на политиката на својот приватен имот во Коломбе-ле-Дез-Еглиз, тој, и покрај тоа што веќе не бил претседател и немал воена функција, продолжува активно да учествува во јавната дебата. Така, на пример, на прес-конференција во ноември 1953 година во Париз ќе изјави:
„Соединетите Држави […] предложија економски и воен сојуз преку Маршаловиот план и Северноатлантскиот пакт […] Но тоа сега повеќе личи на некаков протекторат. Како поинаку да го наречеме системот во кој заедничката стратегија, вклучително и одбраната на Франција, во практика е целосно подредена на еден американски врховен командант?“

Овие ставови на де Гол од 1953 година ја подготвуваат основата за неговиот подоцнежен курс, кој ќе инсистира не само на економска и воена независност на Франција, туку и на Европа. Стразбуршката експертка за де Гол, Фредерик Но-Дуфур, посочува дека де Гол начелно бил за Маршаловиот план и НАТО. „Но, тој многу добро сфати дека преку тоа САД ја преземаат контролата врз Европа. Де Гол сакаше да ја зачува сопствената сувереност.“
Страв од алијанса против Европа
Откако кон крајот на 1950-тите, за време на Алжирската војна, во Франција настана уставна криза поради воениот удар во Алжир, во 1959 година де Гол со големо мнозинство беше избран за прв претседател на Петтата Република, која постои до денес. Де Гол повторно искуси колку брзо можат да се променат политичките односи.
Неговото историско искуство го научи секогаш да смета на сè. Особено актуелни денес звучат неговите изјави од прес-конференцијата од 10 ноември 1959 година во Елисејската палата во Париз:
„Кој може да каже дали во иднина политичките услови целосно ќе се променат? Тоа веќе се случувало на Земјата. Кој може да каже дека двете сили што имаат монопол врз нуклеарното оружје нема да се договорат да го поделат светот? […] И кој дури може да каже дека после некакви политички и социјални превирања, двата ривали повеќе нема ни да се разликуваат? Во суштина, Франција, со тоа што се вооружува со нуклеарно оружје, му служи на светскиот баланс.“

Де Гол се стремеше да ја оправда потребата Франција исто така да стане нуклеарна сила. Но среде Студената војна, тогаш 68-годишниот француски претседател нацрта сценарија на меѓународната политика што долго време изгледаа незамисливо: во основата стоеше мислата дека двете суперсили, САД и Советскиот Сојуз, би можеле да се здружат против Франција или Европа, па дури и политички да станат слични и да ја загрозат егзистенцијата на Европа.
Политичка научна фантастика која стана реалност
Познавачот на де Гол, Морис Ваис, го стави говорот на де Гол од 1959 година во фокусот на една неодамнешна статија за весникот Le Monde. Веќе пред 66 години, де Гол замислил нешто што денес, во 2025 година, стана сосема реално сценарио:
„Де Гол си замислува, во вид на политичка научна фантастика, дека еден ден двете големи сили би можеле да се договорат преку главите на Европејците за да владеат со светот и да се помират.“
Според историчарот Ваис, со политиката на Доналд Трамп од неговото доаѓање на функцијата во јануари, кон рускиот претседател Владимир Путин, се остварило сценариото што го предвидел де Гол. Трамп и Путин постојано оставаа впечаток дека сакаат да се договорат преку главите на Европејците и интересите на Украина, која е нападната од Русија.
И Фредерик Но-Дуфур, има слично мислење: „Да се прочитаат овие реченици денес повторно е навистина вознемирувачко, бидејќи де Гол тоа го кажува во 1959 година, среде Студената војна. И денес, толку многу години подоцна, гледаме дека не се излажал.“
Извор: (dw.mk)