Слонот во собата и „куклите“ во Владата
Пoследното кафе што Арбен Таравари ќе го испие со премиерот Христијан Мицкоски, освен сознанието дека ова крило на Алијанса за Албанците ќe замине во опозиција, засега остава многу непознати во политичката равенка.
Таравари вчера најави дека на премиeрот лично ќе му ги објасни подобро работите околу одлуката за настап на локалните избори со самостојни листи на советници, бидејќи Мицкоски во изминатиот период „бил под голем притисок и станал жртва на некои уверувања”.
„Единствената вистина е дека ние како партија одлучивме да излеземе со посебни листи на советници на локалните избори. Оваа одлука не беше добро примена од страна на албанската група во владата и тие покренаа илјада алибија. Ние повеќе не сакаме да бидеме дел од оваа клима на гласини и заговори што е создадена. Овие политичари Албанци што се во Владата, за жал, не можат да се променат, тие се потомци на стариот политички менталитет“, изјави Таравари за ТВ 21
Нов ден, нова причина
Но, од тврдењето дека единствено сакале самостоен настап на локалните избори, аргументацијата на Таравари за кус период доживеа многу трансформации. Секоја нова изјава на Таравари ја надминува првопосочената причина и открива други.
При вчерашнoто отворање штаб за локалните избори во Општина Врапчиште, Таравари најави дека партијата е многу блиску до одлука за напуштање на Владата и се очекува таа да биде донесена пред партиските тела денеска или утре, нагласувајќи дека „маргинализацијата на Албанците и отстапувањето на Владата од патот кон Европската Унија повеќе не може да се прифати”.
„За жал, ова не е промената што ја очекуваа Албанците. Постои длабока маргинализација на Албанците во државната администрација. Кога сме во Владата, не сакаме да бидеме кукли”, изјави Таравари.
Со овие ставови тој се приклучи кон наративите на ДУИ за маргинализација на Албанците, а со заминување од Владата може да предизвика дисбаланс во застапеноста, долевајќи вода на воденицата на ДУИ, која од претходно обвинува за нелегитимност на претставниците на Албанците во извршната власт.
И нијанси ќе одлучуваат
Но, како ќе се одвиваат нештата зависи од тоа дали сите пратеници и функционерите од крилото на Таравари ќе ја следат неговата одлука, дали ќе останат со ВЛЕН или едноставно ќе изберат друг пат.
„Има многу непознаници каков ќе биде ефектот на преминувањето на Алијансата на Албанците предводено од Арбен Таравари од власта во опозицискиот табор, што формално се очекува да се случи ова недела“, вели аналитичарот Исен Салиу, уредник во Lideri.mk.
„Единствено што знаеме во моментот, се очекувањата на самиот Таравари, кој јавно кажа дека со излегувањето од Владата очекува да добие пет градоначалнички позиции, тврдејќи дека тоа е подобра опција отколку да има две министерства. Меѓутоа, што ќе се случи до локалните избори, од денеска е тешко да се предвиди со поголема прецизност. Особено што секоја нијанса ќе биде од големо значење на резултатот од локалните избори -политичкиот момент на кој ќе и бидат подредени сите поилитички одлуки и чекори во наредните месеци“, вели Салиу.
Како што објаснува, нијансите се прилично матни, и претежно се засноваат на кулоарски информации од опонентските табори, кои пак се на граница на специјална информативна меѓупартиска војна.
„Сепак тие начнуваат некои прашања, кои и тоа како се битни за понатамошниот политички тек. Во контекст на ова е многу важно дали при раздружувањето со власта на Таравари ќе му останат верни сите пратеници и функционери од неговата партија или некој ќе остане со ВЛЕН. Или, пак, можеби некој пратеник или функционер од ВЛЕН ќе му се придружи на Таравари во опозиција. Плус-минус еден пратеник или функционер повеќе на едната или другата страна може да биде од големо значење за општиот впечаток пред јавноста, а да не зборуваме доколку бројката на евентуалните ‘одметници’ биде поголема”, смета Салиу.
Според него, исто така е многу битно дали ќе има и каква ќе биде соработката меѓу Алијанса на Таравари со ДУИ, дали таа ќе биде отворена или затскриена, дали ќе биде уште во првиот круг, или во вториот круг, или пак нема да ја има воопшто.
„Ќе биде интересно да се види како на евентуално приближување на Алијансата на Таравари кон ДУИ ќе реагират другите партии во Европскиот Фронт и дали некоја од нив, особено другото крило на Алијансата предводена од Зијадин Села, ќе се одлучи да се движи во спротивна насока, приближувајќи се со ВЛЕН”, вели Салиу.
„Земјотресот” може го здрма и Фронтот
Од друга страна, пак, извори од Европскиот фронт велат дека крилото на Села можеби ќе биде и попредвидливо, но само ако процени дека кокетирањето на Ахмети со Таравари нема нив да ги оштети.
Дали сите пратеници и функционерите од крилото на Таравари ќе ја следат неговата одлука, или ќе останат со ВЛЕН?Дали сите пратеници и функционерите од крилото на Таравари ќе ја следат неговата одлука, или ќе останат со ВЛЕН?
„Села ќе го користи ова за внатрепартиски наратив, во стилот – ние отсекогаш бевме во право, а Таравари е тој што призна дека згрешил. Но во Европскот фронт не е само АА на Села, туку се и други партии. На ДУИ тие му беа потребни во ист фронт, бидејќи само така можеше за замаскира колку од гласови во ‘амбарот’ сe на ДУИ, а колку на другите партии, за да ја тера приказната со легитимитетот. Но по изборите, освен за Албанците, не проговори за прашања кои ги тангираат неговите партнери – Турци, Роми, Бошњаци… И тука има еден ‘процеп’, кој допрва ќе се отвори. Ако има земјотрес, како што вели Ахмети, тогаш и Европскиот фронт може го почувствува тој земјотрес, особено ‘ако’, или ‘како’, би се вкалкулирале или наметнале евентуално нечии странични амбиции во плановите на ЕФ. Тоа прашање засега е обвиткано во магла. Можеби не за врвот на ДУИ, но во рамки на фронтот овие нешта се уште не се јасни“, вели нашиот соговорник.(dw)