Студентите од Србија кои низ Европа „патуваа за правда“ пристигна во Брисел
Српските студенти кои на 25 април од Нови Сад тргнаа во штафетен ултрамаратон низ Европа кон Брисел вечерва беа пречекани од повеќе стотици граѓани на бриселскиот плоштад „Шуман“, каде се наоѓаат и седиштата на Советот на ЕУ и Европската комисија.
Во рамки на ултрамаратонот насловен „Од Нови Сад до Брисел – Патување од 1.950 километри за правда“, 21 студент од Србија, пред да стигнат до Белгија, со штафетно трчање минаа низ Хрватска, Словенија, Австрија, Германија, Франција и Луксембург.
Студентите беа пречекани со погача и сол и им беа врачени медали и плакети за успешно истрчаниот маратон.
Пристигнувајќи во Брисел тие порачаа дека се борат против системот на молк и омраза и дека говорат гласно и за оние кои се принудени да молчат, покажувајќи дека заедништвото е нивната сила. Тие нагласија дека нема да бидат запрени и замолчени и дека ќе се борат се додека на победи правдата.
Една од студентките во обраќањето на собирот порача дека студентските протести ја вратиле надежта, истакнувајќи дека демократија е кога имате должност да гласате на избори, но не и обврска, кога сите имаат исти права, кога се слушаат граѓаните и кога им се остава простор да се изразат, но дека за жал во Србија нема демократија и таа не владее во земјата.
Таа додаде дека студентите со своите протести, маршовите низ Србија, преспивањата на факултетите, како и со овој маратон до Брисел, ги учат сите на вистинска демократија и сакаат да порачаат дека им е доста и дека не може повеќе да опстојува систем во кој луѓето умираат поради корупција.
Маратонот е дел од шестмесечната кампања за барање одговорност и правда за 16-те загинати при уривањето на натстрешницата на железничката станица во Нови Сад на 1 ноември минатата година.
Како и на сите собири по тој повод и на овој во Брисел со 16-минутен молк им беше оддадена почит на 16-те изгубени животи на железничката станица во Нови Сад.
Предвидено е за време на престојот во Брисел студентите-маратонци да се сретнат со претставници на повеќе европски институции за да разговараат за „нивните барања за одговорност, правда и демократија“.
Според најавите, тие утре ќе бидат пречекани со симболична церемонија во Европскиот парламент, по што ќе имаат средби со повеќе европратеници, меѓу кои и со претседателот на Комитетот за надворешни работи, Дејвид Мекалистер.
В среда студентите ќе бидат примени од претседателката на Европскиот парламент, Роберта Мецола и ќе присуствуваат на седницата на Поткомитетот за човекови права на ЕП, а ќе ги посетата и Куќата на европската историја и Европскиот комитет на регионите.
В четврток е предвидено студентите да бидат примени од еврокомесарите за проширување и за демократија, правда и владеење на правото, Марта Кос и Мајкл Мекграт и да се сретнат со претставници на Европската младинска фондација.